Навивајте против Португалија за да го гледате Роналдо во Скопје

На сета огромна радост на македонските навивачи на Реал Мадрид, како и сите симпатизери кои го очекуваат најдобриот играч во светот според ФИФА во Скопје, утрово се појави вест рамна на депресија.

Кристијано Роналдо не доаѓа на 8 август во Скопје. Тоа го тврди Марка откако ги објави сите летни активности на Реал Мадрид, како и оние кои му престојат на планетарната фудбалска ѕвезда.
 
Летово се игра Купот на Конфедерации во Русија закажан од 17 јуни до 2 јули на кој се разбира ќе настапи и Европскиот првак Португалија. Со оглед на тоа што Роналдо има 32 години, Реал има намера да му даде одмор од 30 дена кој ќе му почне по последниот натпревар со репрезентацијата.
 
Откако ќе ги пропушти подготовките со клубот на крајот од месец јули, тој ќе се приклучи со задоцнување и ќе тренира две недели пред да се појави на првиот официјален натпревар. Според оваа негова агенда ќе го пропушти Ел Класико кое е закажано на 29 јули во Мајами и финалето од Супер Купот против Манчестер Јунајтед закажано на арената Филип Втори.
 
Ако овој план во меѓувреме не се промени, а Португалија стигне до финале во Купот на Конфедерации, тогаш паѓаат во вода желбите на сите оние кои посакуваат Кристијано Роналдо да го гледаат во живо во Скопје. Во таков случај Роналдо ќе го игра првиот меч на 12 август во финалето на Супер Купот на Шпанија против Барселона.
 
Чаре? Надевајте се на рана елиминација на Португалија во Купот на Конфедерации со што распоредот на Роналдо би се поместил поназад. Португалците во групната фаза ќе се сретнат со Русија, Мексико и Нов Зеланд.
 

9 јуни 2017 - 10:19