Во Серија А навивачките групи или се збратимени како што е на пример случајот со оние на Џенова и Наполи, како и на Лацио и на Интер или се во војна која ја искажуваат преку срамни пораки и транспаренти.
Навивачите на Фиорентина по втор пат оваа сезона им се исмејуваат на големите ривали од Торино за големата несреќа на стадионот Хејсел кога пред 29 години загинаа 39 навивачи на Јувентус. Овој пат тоа го направија на автобусот со кој патуваа на гостувањето, како и со една слика со дефанзивецот Кјелини.
Но покуси не останаа ниту домаќините кои скандираа со анти-еврејски пораки кон навивачите на Фиорентина на кои реагираа еврејските заедници во Италија.
Големо внимание во италијанските медиуми предизвика и ироничниот твит на „Старата дама“ која на официјалниот профил на Твитер напиша: „Не беше лоша Фиорентина на ручек, ќе се видиме за неколку дена на вечера“.
На ова Виолетовите на Твитер одговорија: „Ги разбираме, на првиот меч мораше да се задоволат со 4 парчиња за 15 минути“, потсетувајќи го противникот за поразот на првиот дуел од 4:2 на кој успеаа да направат пресврт по негатива од 0:2.
Ривалството на овие две екипи од Серија А оваа недела ќе се пренесе и на меѓународна сцена, кога ќе се сретнат в четврток во рамките на осминафиналето од Лигата на Европа.