Брандао беше казнет поради инцидентот на 16. август кога во тунелот под стадионот Парк на принцовите го нападна Мота од ПСЖ и го удри со глава. На Мота му беше искршена носната коска, поради што Брандао најпрвин беше казнет со 20.000 евра, за веднаш потоа да добие и 6-месечна забрана. ПСЖ го доби натпреварот 2:0, а Брандао беше на удар на целокупната спортска јавност во Франција, која бараше Бразилецот да добие затворска казна.
Брандао дојде во Бастија летово, потпиша 1-годишен договор, и по само 2 настапи и 162 минути, ќе мора да ја издржи казната која му истекува на 22 февруари. Во меѓувреме, тој ќе го пропушти реваншот со ПСЖ на Корзика, со што ќе се избегне негово соочување со италијанскиот репрезентативец.
Последната одлука на францускиот суд е дека Брандао наместо 1 месец во затвор, ќе треба да извршува општествено корисни работи во период од 30 дена. Француските новинари пишуваат дека Брандао го чека чистење на локалните паркови и улици во Бастија, а ќе треба да одржи и неколку предавања во борбата против насилството на спортските манифестации.