Познатиот израелски менаџер и еден од највлијателните во светот има удел во Аполон од Кипар и големо влијание во Бенфика и Челси. Тој сега станува газда и на Мускрон каде откупи 90% од акциите.
Поточно тоа го стори Gol Football Malta Limited (GFM), инвестицискиот фонд каде газда е Пини Захави чија намера е да ги санира финансискиот дупки на Мускрон. Тој во белгискиот клуб каде од оваа година тренер е поранешниот селектор на Македонија Чеде Јаневски, планира да вложи 8,5 милиони евра во наредните три години.
Тоа би требало да биде само дел од помошта на Израелецот од кој поради блискоста со Роман Абрамович се очекува на позајмица да носи фудбалери од Челси, но и од Бенфика.
Според пишувањата на белгиските медиуми со доаѓањето на Захави годишниот буџет на Мускрон ќе се зголеми од 4,2 на 6,2 милиони евра.
„Од сега нашите спортски цели се двојно поголеми. Тоа значи дека ќе работиме повеќе на трансфер пазарот. Сигурни сме дека ќе донесеме неколку талентирани фудбалери од странство кои никако не можевме да ги ангажираме до сега. Направивме добра работа која сигурно ќе го засили клубот“, изјави претседателот на Мускрон, Едвард ван Дел, кој останува на истата позиција и покрај тоа што Захави е најголемиот акционер.
Моќниот израелски агент направи империја од фудбалскиот пазар, посредувајќи во изминатите 20 години во трансферите на многу ѕвезди како Дрогба, Ешли Кол и Петр Чех во Челси, Верон во Интер, Јап Стам и Рио Фердинанд во Манчестер Јунајтед, Лазар Марковиќ во Ливерпул.