Казујоши Мура, познат во Јапонија како „Крал Казу“ вчера потпишал нов 12-месечен договор со прволигашот ФЦ Јокохама и ова ќе биде негова 35-та активна сезона во професионален фудбал! Триесет и пет сезони.
Колку за споредба, Миура се појави на видео играта ФИФА 1996 а ќе го има и сега во ФИФА 2021. Ваква доверба немале од видео играта Фудбал Менаџер, таму го тргнале кога наполнил 40, мислеле толку ќе игра.
Миура, кој во февруари полни 53 години, минатата сезона запишал само 3 настапи а Јокохама обезбеди пласман од втората во прва лига.
„Бев спремен да го продолжам мојот договор со Јокохама. Ќе правам секојдневни напори да ја оствариме целта да останеме во прва лига но нема да заборавам да уживам во фудбалот. Ќе направам се што можам да му помогнам на тимот да победува“, рекол Миура за клупскиот сајт на Јокохама.
Првиот меч на Јокохама во новата сезона ќе биде на 23 февруари кога во првото коло играат на гости против Висел Кобе каде царува Андрес Иниеста, еден од најголемите играчи во историјата на Барселона.
Ова ќе биде првпат Миура да игра во првата Џеј-лига после цели 13 години. Последен пат играл прволигашки фудбал во 2007 кога имал 40.
Пред 20 години Казујоши се повлекол од репрезентацијата после 89 настапи за Јапонија.
Тој е роден во ист месец со легендарниот Роберто Баџо кој се повлече во 2004 година. Во 2017-та Миура го сруши апсолутниот рекорд на легендарниот Сер Стенли Метјус (Стоук, Блекпул и Англија) кој важеше за највозрасрен стрелец на гол.
Во 30-годишната кариера Миура само во три наврати ја напуштал родната земја, кога играл во Бразил, во Италија и во Хрватска. Единствениот гол во Серија А го дал на големото градско дерби Џенова - Сампдорија во сезоната 1994/1995.
Интересно, во 1982 година, Миура на 15 години заминал во Бразил за да во живо ги гледа мајсторите од оваа земја. Потпишал договор со Сантос за кого дебитирал во 1986-та година на 19.
Во истата година се сели во Палмеирас, екипа во која играл и Мирандиња, човекот кој во 1987-ма година станал првиот Бразилец кој заиграл во Премиер лигата - Њукасл го довел за 575.000 фунти.
Миура бил најдобар стрелец и бил прогласен за најдобар играч во првата историска сезона од јапонската Џеј-лига во 1993 година.
Во истата година го одбрале и за најдобар азиски фудбалер.
За Јапонија дебитирал во 1990 година и во 1998 ја однел својата земја на првото Светско првенство со дури 14 гола во квалификациите. Контроверзно не го викнале во репрезентацијата на Мундијалот во Франција, а тој 2 години подоцна се повлекол од државниот тим со 55 гола на 89 настапи.
Во Европа има играно за Џенова и Динамо Загреб со кого во 1999-та година ја освоил титулата во Хрватска. Во Јокохама е од 2005 година кога на 38 години потпишал договор. Од тогаш има повеќе од 250 настапи за клубот кој конечно се пласираше во прва лига после повеќе од 10 години.