Така неверојатен отказ на Светско првенство немало никогаш: на два дена до првиот меч на Шпанија, федерацијата на оваа земја се збогува со селекторот Хулен Лопетеги.
Лопетеги не правел никакви скандали и немал катастрофални резултати - напротив: 14 победи и 6 нерешени на првите 20 натпревари како селектор. Ама ги налути луѓето од федерацијата што водел тајни преговори со Реал Мадрид без нивно знаење.
Одлуката за отказ на Лопетеги била лично на 40-годишниот претседател на Шпанската фудбалска федерација Луис Рубиалес. Тој не сакал да чуе ниту за молбите на лидерите на репрезентацијата - Серхио Рамос и Андрес Иниеста како ни од блиските соработници. Сите барале компромис но тој не отстапил од своето решение.
„Не се чуствувам издаден и секако дека не го одрекувам професионалниот квалитет на Лопетеги. Ние си пруживме рака, јас сум воодушевен од неговите резултати, но има работи кои се поважни од спортските резултати а тоа се вредностите на живеење. Јас секогаш ги ставам вредностите пред личните интереси. Тоа што се случи не ми остави никакви варијанти. Слушнав разни мислења, но го донесов своето решение. Играчите се спремни да одиграат добро Светско првенство, нема никаков бунт“, изјави Рубиалес.
Тој дознал дека Лопетеги е назначен за нов тренер на Реал Мадрид на само 5 минути пред објавување на веста на официјалниот сајт на клубот. Во тој момент Рубиалес бил во Москва на конгрес на ФИФА но брзо фатил авион и се вратил во Краснодар каде е базата на „Црвената фурија“. Цела ноќ и вчера сабајле траеле преговорите.
„Знам дека ќе ме критикуваат. Но нас воопшто не нè ставија во тие преговори и морав да реагирам. Му заѕвонив на Флорентино Перез. Не се каравме ниту споревме, само барав да гледа на ситуацијата со мои очи. Сè беше договорено и сметав дека Хулен не може да остане во репрезентацијата во таква ситуација“, продолжил Рубиалес.
Самиот Рубиалес станал претседател на Шпанската фудбалска федерација на 18 мај, пред 20-ина дена. Тој е прв по епохата на Анхел Марија Виљар кој 30 години владееше со шпанскиот фудбал.
Необично, за негов избор бил и Флорентино Перез: „Настапува нова ера. Должни сме да работиме заедно за фудбалскиот систем да стане посовремен, поефективен, попрофесионален и појасен. Реал со сите свои капацитети е спремен да соработува и да помогне“, кажал шефот на Реал Мадрид кој после три недели го украде Лопетеги од репрезентацијата на Шпанија.
Рубиалес ја завршил фудбалската кариера на 32 години и почнал да работи како адвокат а потоа очекувано станал фудбалски менаџер.
Очекувано зошто уште во 2008 година тој како играч ја плашел управата на Леванте со штрајк на сите првотимци поради заостанати плати и повеќе изгледал на адвокат отколку на играч.
Набрзо станал претседател на Здружението на професионални фудбалери и почнал да го менува системот. Во 2015-та тој ги сменил распоредите на последните две кола и финалето на Купот на Шпанија. Имал претензии за нов закон за реализација на медиумски права во Ла Лига.
Се залагал за повеќе социјални проекти (помош на фудбалерите од пониските лиги, помош при смена на професија по завршување на играчка кариера итн.).
„Проблемот е во тоа што играчот не добива никакви средства од сумите за ТВ права - на пример во Англија добиваат по 1,5 проценти од вкупната сума, во Франција 1,09 проценти а кај нас ништо“, рекол тогаш Рубиалес.
Тогаш го поддржале Пике, Иниеста и Чави и многу други познати фудбалери. На социјални проекти сега Федерацијата одвојува 0,5 проценти од договорите за телевизиски права (околу 6 милиони евра годишно).
Откако станал претседател на фудбалскиот сојуз Рубиалес започнал сериозно чешлање на работата на федерацијата по корупцискиот скандал на неговиот претходник Виљар кој заврши во затвор.
Рубиалес на Федерацијата и заштедил 1,5 милиони евра откако заменил ВИП лет со бизнис класа од Шпанија во Казан, Калининград и Санкт Петербург (во овие градови Шпанците ќе ги играат своите мечеви). На транспорт скратил 500.000 евра кои решил да ги даде за потенцијален бонус за играчите во случај на најголем успех.
Планот на Рубиалес е да го развие фудбалот и да ги зголеми приходите на Федерацијата до 25%. При распределбата на средства тој повеќе внимание решил да посвети на женскиот фудбал и фудбалот на плажа.
Шпанските медиуми пишуваа дека меѓу Рубиалес и претседателот на Ла Лига Хавиер Тебас имало лош однос, а тоа е и разбирливо:
„Тебас знае дека со мене федерацијата ќе биде посилна“, рекол Рубиалес.
Карактерот на Рубиалес најдобро го отсликува еден настан од детството. Кога тој имал 9 години ги скршил двете нозе при една голема незгода и лекарите го предупредиле дека нема да може да трча повеќе. Кога излегол од болница тој заедно со татко му отишол да купи копачки.