Најлудиот меч одигран во Лига Европа на кој паднаа 12 гола: заврши 6:6

Денес на големо се зборува за неверојатниот дуел во квалификациите за Лига Европа меѓу српскиот претставник ТСЦ Бачка Топола и романскиот ФКСБ (на времето Стеауа).

Да тргнеме од почеток кој го опиша познатиот романски фудбалски новинар Емануел Рошу:

- Пред мечот ТСЦ Бачка Топола - ФКСБ, гостите од Романија останале без 9 играчи поради коронавирус (5 од нив го дознале резултатот пред самиот меч). Ова значело дека ќе имаат само 14 играчи на располагање односно 3 резерви од кои 2 играчи од среден ред и еден напаѓач.

- Позитивен на вирусот бил и помошникот тренер Михај Пинтилија кој во декември лани ја заврши играчката кариера. Тој синоќа го водеше тимот а него му помагаше Богдан Винтила кој пред 2 месеци добил отказ од контроверзниот Џиџи Бекали кој сега го викнал Богдан да помогне за овој меч.

Бекали летово поради пандемијата со вирусот решил да не троши пари за трансфери за Стеауа.

- Од голманите можел да брани само 19-годишниот Разван Дукан, дури трет голман во клупската хиерархија. Првиот голман бил повреден а резервниот бил позитивен на вирусот. Дукан во 2020-та година само четири пати се нашол на клупата. Лани бранел во втора лига.

Синоќа Дукан беше директен кривец за два гола на Србите (третиот и петтиот).

Клубот ТСЦ од Бачка Топола (Topolyai Sport Club) е клуб од град со 15.000 жители од кои мнозинство се Унгарци. Се смета за клуб на унгарското малцинство во Војводина, од пред неколку години поддржано финансиски и од Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан кој беше во посета на овој клуб и реши државата Унгарија да вложи околу 9 милиони евра за поддршка на младинските категории и инфраструктурата на клубот.

ТСЦ Бачка Топола минатата сезона за првпат во историјата заигра во Суперлигата на Србија и заврши на 4. место. Во овој клуб во детството играле Душан Тадиќ и Никола Жигиќ.

КАКО СЕ ОДВИВАШЕ НАЈЛУДИОТ МЕЧ ВО ЕВРОКУПОВИТЕ?

Бачка Топола брзо поведе синоќа со 2:0 а на полувреме се замина со резултат 2:1 но домаќинот имаше и играч помалку поради црвен картон.

Следуваа многу промени на резултат, паѓаа гол за гол, Бачка Топола во 90' минута беше пред пораз па се врати, потоа во продолженијата беа пред елиминација но успеаа да израмнат. Во продолженијата Бачка Топола доби уште еден црвен картон па доигра со 9 фудбалери во поле.

Конечни во продолженијата 6:6 и следуваа пенали. А на пенали романскиот клуб ФСЦБ (Стеауа) беше поуспешен со 4:5. 

„Не знам колку гола примивме поради него, но не е ни важно. Тој е дете. Не спаси во пенал серијата“, воодушевено изјавил тренерот на гостите после мечот.

За тоа колку луд беше овој натпревар говори и фактот што хајлајтс и головите на Јутјуб траат скоро 26 минути.

ЗАНИМЛИВОСТИ

- Ова е прв меч од повеќе од 24.000 натпревари во Еврокуповите (без Интертото Купот) во кој двата тима даваат минимум по 5 гола.

- За Стеауа ова е 5-та победничка пенал серија во клупската историја во еврокуповите. Толку имаат уште Црвена звезда, Барселона, Баерн и Севиља.

Противник на Стеауа (ФЦСБ) во следното квалификациско коло на Лига Европа ќе им биде чешкиот Слован Либерец.

Интересно, во Лига Европа синоќа имаше уште пар тотално луди средби. Тотенхем со Мурињо и полн состав гостуваше кај Локомотив Пловдив. Бугарите поведоа први, се држеа до 80' минута кога Хари Кејн израмни од пенал, а домаќините до крајот добија два црвени картони па тоа го искористи Ндомбеле за целосен пресврт 1:2.

Тотенхем сега ќе игра против Шкендија, најверојатно во Скопје каде би требало да дојдат ѕвезди како Герет Бејл, Хари Кејн, Џовани Ло Селсо, Сон.

18 септември 2020 - 08:41