Најдраматични падови во клупскиот фудбал

Борусија Дортмунд ја одбрани титулата во Бундеслигата и стигна во финалето од ЛШ во 2013. година, но сега се борат за опстанок. Ваквиот пад на „милионерите“ нè натера да видиме кои некогашни гиганти имале слични падови, од кои уште не можат да се опорават.

Астон Вила

Само неколку поранешни европски прваци имаат испаднато од лига, откако го освоиле европскиот куп. Меѓу нив се Милан и Марсеј, како и Манчестер Јунајтед под Мат Базби во '50-те години. Сепак, најголем пад во најкраток период имаше Астон Вила

Тимот од Бирмингем во 1982. година стана европски шампион, откако во финалето го совлада Баерн Минхен со голот на Питер Вит и по херојските одбрани на младиот резервен голман, Најџел Спинк. Сепак, пет години подоцна во 1987. година, Астон Вила испадна од лигата и тоа беше најголема сензација во англискиот фудбал. Вила се врати уште првата година по играњето во втората дивизија.

Портсмут

Ако направите анкета меѓу 100 навивачи на Портсмут и ги прашате дали мислат дека славното освојување на ФА купот во 2008. година им донело голема радост, малку од нив би ви одговориле потврдно.

Портсмут го победи Кардиф во финалето на ФА купот, а претходно го совладаа и Манчестер Јунајтед. Само една година по историскиот успех, тренерот Хари Реднап си замина од клубот и отиде во Тотенхем. Портсмут го притиснаа и финансиски проблеми, така што клубот од Фратон Парк отиде под стечај, со многу неисплатени должници.

Играчите беа исплатени, се менуваа менаџери, но фискалната катастрофа и одземањето бодови го турнаа Портсмут три пати во четири години. Во моментов играат во Лига Два (четврта по ранг).

Ривер Плата

Кога најтрофејниот и најуспешен клуб во историјата на аргентинскиот фудбал ќе испадне од лигата, тоа значи дека нешто не е во ред со структурата на лигата. Ривер Плата зад своето име има 36 шампионски трофеи, девет домашни купови и две титули во Копа Либертадорес.

По кризата во клубот во 2008. година, игрите на теренот беа очајни и тоа кулминираше во 2011. година, кога Ривер мораше да игра бараж за опстанок против Белграно де Кордоба. Милионерите загубија 2:0 на гости, реваншот заврши 1:1, по што преполниот Монументал во солзи го испрати гигантот во втората лига.

Испаѓањето го следеа големи нереди на улиците на Буенос Аирес, кога беа уапсени 55 навивачи и повредени 35 полицајци. Ривер се врати каде му е место по само една година, а титулата освоена лани делумно ги залечи раните од испаѓањето.

Глазгов Ренџерс

Ренџерите сè уште убедливо го држат светскиот рекорд на освоени титули во клупскиот фудбал. Ренџерс во Шкотска освои 54 титули. Тимот од Глазгов исто така стана и првиот британски клуб што стигнал до едно европско финале. Ренџерс загуби во 1961. година, но го освоија тоа натпреварување во 1972. година. Играа и финале на УЕФА купот во 2008. година.

По серијата финансиски проблеми, клубот стигна до ликвидација поради презадолженост во 2012. година. Испаднаа во третата Шкотска дивизија, многу играчи заминаа и Ренџерс го започна тешкиот пад назад.

Навивачите се тешат со тоа што клубот не испаднал на теренот, туку на зелената маса, поради финансиски проблеми.

Стразбур

Мрачната историја на Стразбур почна во 1976. година, кога клубот испадна во втората француска лига поради финансиски проблеми. Промоцијата сепак стигна три години подоцна, кога славниот Стразбур живна под водство на тренерот Жилбер Грес во 1979. година. Екипата ја освои титулата уште во првата сезона по враќањето, а тренерот Грес важеше за рокер на францускиот фудбал. За Стразбур тогаш играше Рајмон Доменех.

Во 1980. година, Стразбур го освои Купот на Европските шампиони, но тоа не беше причина Грес да остане во клубот, затоа што во екипата бил доведен напаѓачот Карлос Бјанки иако Грес не го сакал.

Стразбур повторно испадна во 1986. година и по неколку сезони враќање и испаѓање, во 2011. година клубот доживеа финансиски крах и испадна во аматерската дивизија. Преименуван во РЦ Стразбур Алсас, клубот почна да се враќа во нормала, но далеку е од славните денови на Жилбер Грес.

Нотингем Форест

Многу клубови на листава пропаѓале поради финансиски или други нефудбалски причини, но Нотингем Форест стана првиот клуб што испаднал во трета лига како европски шампион, поради ужасно раководење со клубот.

Славниот Форест го освои европскиот Куп во 1979. и 1980. година под водство на Брајан Клоу и Питер Тејлор. Форест го освои и Лига Купот во 1989. и 1990. година. Неколку години подоцна, опадна моќта на тренерот Клоу и Форест испадна во 1993. година. Од тогаш, па наваму, Нотингем Форест никако не успева да се искачи скалило погоре и освен премиерлигашкиот фудбал во 1999. година, не направи ништо позначително.

Црвена Звезда

Белградскиот клуб во 1991. година се качи на кровот на Европа и светот, откако најпрвин го совлада Олимпик Марсеј во финалето на КЕШ во Бари, а потоа и чилеанскиот Коло Коло во Токио. Славната генерација Панчев, Савичевиќ, Михајловиќ, Најдовски, Југовиќ, Белодедиќ и останатите доминираа во европскиот фудбал против Баерн Минхен, Милан, Менхенгладбах, Барселона, Арсенал...

Тие денови останаа само за сеќавање, затоа што Црвена ѕвезда во моментов должи 55 милиони евра на поранешни играчи, тренери, банки и работници во клубот, кој од сезона во сезона е сè позадолжен.

Минатата година, Црвена Звезда доби забрана за учество во квалификациите за ЛШ, поради неизмирени долгови. Годинава им се спрема исто сценарио, доколку до крајот од март не исплатат 16 милиони евра на фудбалерите кои го тужеа клубот во УЕФА.

Стад де Реим

Многумина знаат дека Реал Мадрид ги освоил првите пет КЕШ натпреварувања, но малку е познато дека во првото и во четвртото од петте финалиња, противник на Реал му бил тогаш славниот француски клуб Реим.

Во периодот од 1949. до 1962. година, Реим освоил шест национални првенства на Франција, со играчи како Рајмон Копа, Жаст Фонтан и Жан Венсан. Во првото европско финале за тимот, во 1956. година Рем се сретнал со Реал Мадрид, кога загубиле како и три години подоцна од Кралскиот клуб.

Успесите продолжиле и во 1960. и во 1962. година кога два пати по ред го освоиле првенството, но следната година испаднале од лигата. Во следните 15 години, Стразбур е или во втората или во првата француска лига. По сериозни проблеми, Реим згасна во 1990-те години. Се формираше нов клуб со ново име Стад Рем Шампањ, кој почна од полу-професионалните лиги, за да во 2012. година стигне во Лига 1.