Ако сакате да го дознаете податокот за тоа кој е во моментов тренер со најдолег стаж во еден клуб, одговорот го имате во Шпанија.
Диего Симеоне кој ќе ја стартува сезоната број 12 на кормилото на Атлетико Мадрид а актуелен тренер со најголема верност, барем што се однесува до топ 5 лигите во Европа.
На оваа листа изби прв откако Стефан Мулин го напушти лани Анже и само неколку месеци му бегаше на аргентинскиот стратег. Тој беше на кормилото на францускиот клуб од летото 2011-та, а Симеоне од крајот на истата година.
Од година во година, врската меѓу него и Атлетико добива сè повеќе легендарна армота, нешто што веројатно не го очекувале ни тој ни навивачите, откако слета во Мадрид на 23 декември 2011-та.
Го доведоа да го извади тимот од криза, тогаш предводен од Грегорио Манзано, а тој со исклучок на една сезона, кога беа петти, во сите други ги одржа во топ 3 на табела во Ла Лига.
Клубот едноставно доби нова димензија. Стана петти по број на акумулирани бодови во првата лига и трета шпанска сила веднаш зад Барселона и Реал, а пред Валенсија и Атлетик Билбао.
Плус под негово водство, Атлетико стекна и големо меѓународно реноме и тоа уште во првата сезона ги направи шампиони во Лига Европа.
„Ни бараа четири или пет пласмани во Лигата на шампиони по ред, а ние веќе имаме 10“, изјави Ел Чоло во мај годинава, откако запечати ново учество во елитата.
Тоа за клубот стана многу важно и од економски аспект, бидејќи со секој пласман, секоја година легнуваа по 15,6 милиони евра, само од учеството во ЛШ.
Потоа за секое осминафинале доаѓаа 9,6 милиони, за четвртфинале 10,6, за полуфинале 12,5 и за финале 15,6 милиони евра.
Само од поминување во следните фази во Лига на шампиони во изминативе девет сезони, Атлетико кеширал околу 350 милиони евра, не сметајки го профитот од 2,8 милиони евра за секоја победа и 930.000 евра за реми.
И после како управата да не сака да работи со овој човек на долг рок?
Атлетико Мадрид со него ја наполни витрината со две титули во Ла Лига, две во Лига Европа, две во Супер Куп на Европа и по една во Копа дел Реј и Супер Куп на Шпанија. Во ЛШ на два пати ги однесе во финале.
Апсолутните рекорди на верност во еден клуб се тешко достижни, но Ел Чоло во моментов е број 1 во тој поглед, кој му пркоси на модерното време и е врзан со долгорочен проект.
На вечната листа е Гај Ру со 42 години стаж во Оксер, потоа Фергусон со 27 во Манчестер Јунајтед, па Арсен Венгер со 21 сезона како тренер на Арсенал.
Инаку Симеоне знае и бајаги да ја наплати својата работа во Мадрид. Заработува 3,3 милиони евра месечно или скоро 40 милиони евра годишно, сума која го прави најплатен тренер во светот.
Втор е Гвардиола со 1,89 милиони евра месечно, Клоп и Конте заработуваат по 1,49 милиони, а петти е Алегри со 1,17 милиони месечна плата.
За време на пандемиската криза, Ел Чоло се сложи на 70% намалување на платата.