Најдобриот фудбалски центар за развој на играчи го има Бенфика

Тројца фудбалери кои синоќа постигнаа вкупно 6 гола во Лига Европа биле дел од Бенфика или од школата и тоа воопшто не е случајно. Абе каква школа, ова е институција. Тука дете да запишеш на фудбал ќе ти го врати човек и тоа оформен кој нема само да мисли на топка и да стане врвен играч, туку и за книга ќе се фати.

Тројцата стрелци кои ви ги споменавме во воведот се Жоао Феликс кој го торпедираше Ајнтрахт Франкфурт со хет-трик. Потоа Лука Јовиќ кој практично како позајмен играч од Бенфика настапува во Ајнтрахт и Гонзало Гуедес од Валенсија кој 9 години се калеше во нивната академија, а потоа играше и во прв тим.

Бенфика не е само позната по легендарниот Еузебио кој им донесе европска титула во 61-ва и 62-ра година, како и по тоа што е владетел број 1 во Португалија со вкупно 81 трофеј од кои рекордни 36 во првенство. Тоа е клубот кои од деца прави фудбалски бисери.

Ги учи и на фудбал, и на школо, ги наградува и им нуди перфектни услови. Бенфика не продава само таленти, туку прво ги создава. Замислете само во периодот од 2010-та до 2016-та продале топ 11 играчи за 308 милиони евра.

Нивното не може да не нарече школа или академија, туку цел спортски и едукативен центар со развиен концепт кој функционира беспрекорно веќе 13-та година.

Португалскиот бизнисмен Луис Филипе Виеира кој седи на претседателската фотеља од 2003-та имаше една страшно јака визија за тоа како треба да функционира Бенфика како клуб и во 2006-та го отвори комплексот „Caixa Football Campus“, можеби еден од најјаките во свет, ако не и најјак.

Распространет е на територија од 19 хектари (тоа се грубо 19 фудбалски терени), а знаете што е ново? Планира да го шири на 42 или повеќе од дупло од што се сега, а веќе е огромен.

„Сакаме да изградиме уште шест фудбалски игралишта и уште еден хотел, но сè уште сме во преговори за да го откупиме земјиштето на кое сакаме да се шириме. Создадовме фантастични услови, фантастични човечки ресурси, секогаш со цел да имаме играчи обучени овде за првиот тим и за меѓународниот пазар. Нашиот фудбалски комплекс е цел стратешки проект и ќе продолжиме да инвестираме, да инвестираме и да инвестираме. Ние направивме фабрика со светски референци“, изјави првиот човек на клубот.

На што ли побогу ќе инвестира овој човек кога комплексот има буквално сè. Најбитно во муабетов е што ова не е само маска или некоја пластична и изумрена како онаа со Анжи, туку сериозен, многу сериозен проект кој носи резултати. Децата играат, се калат и од мали победуваат. 39 турнири освоиле за 10 години.

Во Бенфика се размислува многу светски, па така на пример само во сезоната 2015/2016 нивниот тим на скаути има прелетано 230.000 километри.

Ајде сега малку концентрација и трпение јер ве чекаат многу бројки и факти кои нема поента текстот ако не ги читнете.

ИНФРАСТРУКТУРА:

- 19 хектари површина.

- 9 фудбалски терени (6 со природна трева, 2 со синтетичка трева, 1 покриен со синтетичка трева).

- 1 терен со 2.721 и 1 со 604 седишта

- Хотел со 86 соби од кои 30 за првиот тим

- 2 спортски сали

- 28 бањи со спа (5 за дневна работа, 12 за натпревари, 5 за судии и 6 за стручен штаб).

- Терен со 360 степени

- 5 соблекувални

- Други простории: 3 простории за физиотерапија, 2 простории за лекување и консултации, 2 простории за физичка евалуација, 2 аудиториуми, студиска соба, канцеларии, сали за состаноци, соба за перење, кујна и две трпезарии.

- Во просек се перат 19 тони алишта месечно и се сервираат 350 оброци дневно.

ДНЕВНИ АКТИВНОСТИ

- 5 часа дневни спортски активности

- 9 тимови имаат дневни спортски активности: Сениори, сениори Б, Сениори У23, 2 екипи У20. потоа екипите У17, У16, У15 и У14.

- 73 фудбалери престојуваат во спортскиот центар од У13 до У19 плус 5 со семејствата одбрани од клубот.

- 172 фудбалери имаат дневни активности со 42 тренери.

- 86 вработени луѓе одат секој ден на работа како и 65 надворешни работници од компании кои обезбедуваат услуги.

РЕЗУЛТАТИ ОД ОТВОРАЊЕТО НА КОМПЛЕКСОТ ВО 2006-ТА ГОДИНА НА СИТЕ ЕКИПИ ЗАЕДНО

- 13 национални титули

- 66 трофеи вклучувајќи ги сите турнири на сите нивоа.

- Од сезоната 2007/2008 Бенфика освојува минимум по една национална првенства титула.

- Од 2015/2016 Бенфика освои 8 од 12 натпреварувања на кои учествуваше.

МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА

- Во последните 10 години екипите учествувале на турнири во 31 земја на различни континенти.

- Во последните 10 години освоиле 39 турнири.

- Земји каде освоиле турнири: Италија, Шпанија, Германија, Ангола, Франција, Холандија, Русија, Обединети Арапски Емирати, Катар, Англија, Унгарија, САД, Австрија, Норвешка, Лихтенштајн, Данска, Луксембург, Белгија.

РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ ПО ОТВОРАЊЕТО НА КОМПЛЕКСОТ

- Од 2006/2007 Бенфика има 442 интернационалци

- Од 2010/2011 Бенфика е најзастапен клуб во младинските селекции.

- Од 2011/2012 (во последните 5 сезони) Бенфика има повеќе од 40 интернационални по сезона.

ПОДДРШКА ЗА ШКОЛУВАЊЕ

- Мултидисциплинарен тим со координатор, 2 социјални работници, 1 учител, 1 комуниколог и 4 наставници за едукација.

- Дневно следење на рутините на играчите.

- Организација на слободни активности.

- Образовни програми за играчи и нивни роднини.

- Редовни состаноци со различни сектори за да се обезбеди развој во различни области.

- Сите играчи кои живеат во комплексот учат во околните места.

- Целодневна школска програма за деца до 9-то одделение која ги покрива сите области.

- Сите играчи имаат пристап до школската програма, овозможувајќи им да земат интерактивни часови.

- Играчите со подобри школски резултати добиваат награди.

12 април 2019 - 13:41