Чуварот на голот на Бразил кој беше незаменлив во 50-те и 60-те години никогаш не ја достигна светската славата како еден Пеле, Зито, Лима и останатите легенди од тоа време кои царуваа на теренот, но ќе остане запаметен како еден од најзаслужните за испишувањето на историјата на бразилскиот фудбал.
И покрај големите квалитети Жилмар не заминал на печалба во странство како што тоа го стори Пеле во САД и кариерата ја минал во родната земја. Но со настапите за неговите два единствени клуба Коринтијас и Сантос ја наполнил витрината со пехари од сите можни натпреварувања.
По трите освоени шампионски домашни титули со Коринтијас, преминал во Сантос кој бил непобеднил во тоа време. Во неговата биографија стојат 5 освоени државни првенства во Сао Паоло, 5 шампионски титули во Бразил, 2 пехари во Копа Либертадорес и 2 светски титули против Бенфика и Милан.
Заедно со богатата клупска кариера Жилмар има и 94 репрезентативни настапи, два освоени Мундијала во 1958 и 1962 година, како и учество на Светското првенство во Англија во 1966 година.
За славната кариера и успесите на Пеле, еден од заслужните е и Жилмар кој станал познат како „голман на Пеле" и кој бил незаменлив на својата позиција. Бил прочуен како доста смирен фудбалер и голем џентлмен кој сосема заслужено бил прогласен за најдобар голман во Бразил на минатиот век.
По пензионирањето од терените Жилмар се оддалечил од фудбалот и почнал сопствен бизнис. Во 1983 година добил понуда од Фудбалската Федерација на Бразил да работи како надзорник на сениорската селекција, но по една година повторно му се вратил на бизнисот.
Здраствените проблеми на легендарниот голман почнале пред 13 години кога откако претрпел мозочен удар останал парализиран на целата десна страна од телото. Негова состојба се влошила пред неколку дена по што почина синоќа од срцев удар.
Ова е трет смртен случај ова лето во поранешниот табор на бразилската репрезентација која ја освои првата титула светски шампион во 1958 година. Минатиот месец на 84 годишна возраст почина Дјалма Сантос, а пред два дена животот го загуби 82 годишниот Нилтон Де Сорди.