На Холандија толку лошо ѝ оди што го стави селектор Дик Адвокат

Човекот кој во последните пет тренерски авантури помина прилично лошо е назначен за спасител на репрезентацијата на Холандија на која ѝ се заканува уште еден дебакл - по Европско, сега да не се пласира ниту на Светско првенство.

За тоа дека во холандскиот фудбал нешто не штима знаеме веќе подолго време. Откако завршија 3-ти на Светското првенство 2014 и го пуштија Луи ван Гал во Манчестер Јунајтед, репрезентацијата привремено му ја доверија на Гус Хидинк.

Холандската фудбалска федерација одлучи да не презема драстични чекори и селекцијата ја водеа Хидинк и помошникот Дени Блинд кои не успеаа да ја однесат репрезентацијата на Евро-2016. Планирале Блинд да учи од постариот колега, па после сам да ги води „лалињата“. Во квалификациите за ЕП 2016 загубија од Чешка и Исланд, ремизираа со Турција и во летото 2015-та на среде циклус Хидинк ги спакува куферите.

Очајната форма на репрезентативците и немоќта на Блинд да направи нешто за неколку месеци значеше и дебакл - Холандија првпат после 32 години не се пласираше на финалниот завршен турнир на Европа каде се пласираа Унгарија, Романија и Албанија.

Каква што е традицијата, сериозните фудбалски сојузи не менуваат селектори нон-стоп, па така Холандскиот реши да влезе со Блинд и во квалификациите за СП-2018, но одново нешто не штима: Холандија загуби од Франција и убедливо од Бугарија и сега е во мошне тешка ситуација.

Пласманот на Мундијалот ќе биде тежок затоа што за првото место најсериозни се Французите (во моментов имаат 13 бода и се први). После поразот во Софија Холандија падна на 4-то место со слаба перспектива да стигне макар до баражот. По бламажата во Бугарија, Блинд доби отказ а Кралскиот фудбалски сојуз на Хиландија најде нова варијанта.

За нов селектор го постави Дик Адвокат, човекот кој на 27. септември 2017-та ќе полни 70 години!

Дик бил предводник на „Портокаловите“ во 3 наврати, а 3 пати бил помошник. Првпат во средината на ’80-те кога Адвокат уште немал 40 години и му помагал на Ринус Михелс. Во 1992 година Дик самостојно ја водел репрезентацијата и успеал да ја пласира на СП 1994 каде стигнаа до четврт-финалето.

Следен пат Адвокат реши да и помогне на својата земја во 2002 година кога стигна до полуфиналето на ЕП 2004, но повеќе ја сакаше клупската работа и батали репрезентативен фудбал. После две години стана тренер на Зенит.

СО ШТО СЕ ЗАНИМАВАЛ АДВОКАТ ВО ПОСЛЕДНО ВРЕМЕ?

Откако доби отказ како селектор на Русија во летото 2012-та, Адвокат се соочуваше со шут-карта каде и да отиде. Стана тренер на ПСВ без поголем успех и го сменија, а истото му се случи и во АЗ Алкмар и во репрезентацијата на Србија (ниедна победа на 4 меча).

Во пролетта 2015, Адвокат неочекувано добил повик од Сандерленд и таму конечно ја живнал тренерската кариера - ги спасил „црните мачки“ од испаѓање од Премиер лигата.

Ова достигнување му ги насолзило очите во последното коло.

Дик не се задржа за долго на северот од Англија, иако го убедија да остане, тој после лошиот почеток на новата сезона си замина.

Минатото лето Холандскиот стратег стана тренер на Фенербахче каде немаше ни лоша, ни супер сезона: во Лига Европа ги поминаа групите, но во 1/16 финалето испаднаа од Краснодар, а во првенството на 4 кола до крајот беа 3. место.

Во март изјави дека по завршувањето на сезоната ќе ја заврши тренерската кариера, но...

ПОМОШНИК ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НЕОЧЕКУВАНО ЌЕ МУ БИДЕ РУД ГУЛИТ

Историјата го памети односот меѓу Адвокат и Гулит како сложен. Во 1993-та најдобриот фудбалер на светот од 1987-ма и капитен на Холандија на Европското 1988 се скарал со селекторот - не ја сакал тактиката на Дик кој го ставил крило и 31-годишниот Гулит објавил дека ја завршува репрезентативната кариера.

Пред Светското 1994 во САД, Федерацијата сакала да го ангажира Јохан Кројф за нов селектор само за да му удоволи на Гулит, но легендата не се договорила со сојузот и Адвокат останал селектор.На пријателска пред Мундијалот Гулит бил викнал во составот, но на прес-конференцијата после мечот било објавено дека тој нема да оди на Светското во Америка.

Од тогаш Гулит не заигра пак за Холандија, а Дик Адвокат на Мундијалот стигна до 1/4 финалето каде загуби 2:3 во лудиот меч со Бразил. Многу години подоцна Гулит и Адвокат се смириле јавно, но само јавно.

На крајот, Холандија денес нема проблем со тренерот, колку со составот. Стандардно во Топ5 лигите игра само 33-годишниот Арјен Робен. Тука се уште Вијналдум (Ливерпул), Стротман (Рома), Силесен (резерва во Барселона), Дејли Блинд (резерва во Манчестер Јунајтед), Винсент Јансен (резерва во Тотенхем). Останатите играчи доаѓаат од првенствата на Турција, Русија Португалија, Стоук или Вотфорд.