На 18 години ниту Анри не беше толку добар колку Мбапе

Штом во прв тим нема место за еден Ди Марија, тогаш повеќе од јасно е дека нападот на ПСЖ е боли глава. Го смачкаа Селтик со 5 парчиња на гости, а главен на терен беше малиот од 180 милиони кој израмни рекорд и постави нов.

Со голот во 34 минута за 0:2, Килиан Мбапе синоќа стана првиот фудбалер кој успеа да постигне гол како тинејџер во Лига на шампиони за два различни клуба (Монако и ПСЖ).
 
Статистиката му извади уште нешто. Погодокот на Мбапе во најелитното клупско европско натпреварување му беше број 7 и со тоа го израмни рекордот на Патрик Клајверт.
Пофални зборови за него пристигнаа и од Луис Саха.
„За 18 годишник, тој едноставно е неверојатен. Зачуден сум од начинот на кој се движи и на кој ги разбира сопствените квалитети, како и контролата која ја има. Ова не е комплимент само од мене, бидејќи сите зборуваат за него. Да имаш такво темпо на игра и да знаеш како да го користиш е тешко, верувајте ми“.
„Нани на пример е еден од најсилните играчи кој ги имам видено, но него му недостига разбирање. Мбапе не е таков, тој разбира сè. Се наоѓа во шеснаесетник кога е потребно, знае како да игра по страна. прави шанси, нафрлува и шутира во вистинско време. Тој е неверојатен талент, а има само 18 години. Мислам дека и Тиери Анри на негова возраст не беше на тоа ниво“.
Реал Мадрид, Барселона, Ливерпул, Манчестер Сити и Арсенал беа поврзани со трансфер на Мбапе ова лето, но трката за него ја добија Парижаните.
 
Според истражувањето на CIES тие платија за него двојно повеќе од реалната вредност.
13 септември 2017 - 10:08