Мусолини ќе игра бек за Лацио

На младинците на Лацио официјално им се приклучил десниот бек Романо Флориани Мусолини, правнук на Бенито Мусолини, син на Алесандра која основала десничарска партија и оваа вест доби голем одјек во Италија.

Романо Мусолини минатата недела наполнил 18 години, игра десен бек и тој досега два пати добил повик во екипата на Лацио У-19

„Тој е многу скромен дечко кој никогаш не се жали за нешто. Ми се допаѓа. Уште не е искусен играч, но е голем потенцијал. Тежина на презимето? Јас никогаш не сум разговарал со неговите родители и единствено што е важно е дали заслужува да игра. Ништо повеќе“, вели Мауро Бјанчеси, еден од тренерите на младинците на Лацио за Repubblica.

Во Италија веќе на големо се прават шеги околу тоа што би било на стадион ако Романо стигне до прв тим и ако спикерот во исчекување на громогласен одговор од навивачите го прочита неговото име. Само замислете го спикерот, типично за италијанскиот фудбал, како вика РОМАНОООО, а тифозите на Лацио меѓу кои има тврди десничари одговараат гласно на презимето).

„За Лацио презимето Мусолини е тешко бреме. Северната трибина на стадионот Олимпико (ултрасите стојат на фамозната трибина Курва Норд) со нејзините фашистички поздрави и расистички извици не губи време за да го изрази својот фашистички карактер. Прашање на време е кога пак ќе почнат да го величаат дуче (дуче-војвода на италијански, титулата на Мусолини), пишува Il Fatto Quotidiano

Во 2019-та пред мечот од Копа Италија со Милан, група навивачи на Лацио салутираше пред банер со натпис „Слава на Бенито Мусолини“

Во 2017-та тифози на Лацио на стадионот „Олимпико“ лепеле и стикери со ликот на Ана Франк во дрес на Рома како алузија на тоа што еврејската заедница навива за ривалот на Лацио. Тогаш изби голем скандал и Серија А спроведе кампања во борба против расизмот - сите судии и капитени излегуваа на натпреварите со книгите „Дневникот на Ана Франк“ и „Дали е ова човек“ во рацете.

Во тој период стотина навивачи на Лацио на гостувањето во Болоња ја пееле фашистичката песна Me ne frego (Гајле ми е).

Во клупската историја на Лацио има многу случаеви со расистички испади на нивните навивачи. Идеологијата отиде до таму што во 2005-та Паоло Ди Канио фашистички им салутираше на навивачите.

МАЈКА МУ НА РОМАНО Е ОСНОВАЧ НА НЕОФАШИСТИЧКА ПАРТИЈА И ВНУКА НА БЕНИТО МУСОЛИНИ

Младиот фудбалер кој ќе игра во младинците на Лацио, Романо Мусолини е крстен во чест на вујко му, познат италијански џезер кој како и внук му бил трето дете во семејството.

Во 1962-ра Романо Мусолини се оженил за Ана Вилани Шиколоне, родена сестра на Софија Лорен.

Мајка му на младиот фудбалер е Алесандра Мусолини, внука на Бенито. Таа е основач на неофашистичка партија „Италијанско работничко движење“. Таа денес е член на партијата Форца Италија.

Во 2007-ма се кренала голема врева откако Алесандра изјавила дека сите Романци (голема заедница во Италија) се крадци и криминалци. Ова довело до распад на националистичката коалиција „Идентитет, традиција, суверенитет“ во европскиот Парламент каде Алесандра била пратеничка.

Тоа што младиот фудбалер на Лацио има две презимиња меѓу кое и Мусолини е заслуга на мајка му. Алесандра цела година се борела со бирократија сите нејзини три деца (Романо има две постари сестри) да го носат презимето (во Италија во тоа време не било дозволено да се носи мајчино презиме).

Таа изјавувала дека е горда на дедо и но дека не го прави тоа само во негова чест, туку и за правата на жените. Процесот бил долг и тежок но успеала на крај.

Алесандра во младоста пробала да стане глумица и модел, а се појавила и во епизодна улога во филмот „Посебен ден“ кој во 1977-ма го номинирале за Оскар.

Во ноември 2020-та Романо со мајка му Алесандра учествувал во шоуто „Танц со ѕвездите“, но сега е концентриран само на фудбал и ќе се бори за место во првиот тим на Лацио. Тој сега е далеку од шоу бизнис и политика.