Мурињо се враќа на „Стемфорд Бриџ“, сретна жена која таму работи 48 години

Чудни се навистина патиштата фудбалски. Не знаеш кој каде и кога ќе отиде, кој од каде ќе замине. Жозе Мурињо кој се раздели со Фенербахче, добил утредента богата понуда од португалскиот гигант Бенфика. После цели 25 години се враќа во клубот кој на времето кратко го водел на само 12 натпревари. Мурињо сега во Лига на шампиони со Бенфика ќе му гостува на Челси, клубот во кој проживеа славни денови од тренерската кариера.

А при доаѓањето во Лондон, на „Стемфорд Бриџ“ се сретнал со една вработена жена која цели 48 години е во клубот! Имале топла прегратка во духот на долгогодишната соработка.

Треза Конели цели четириесет и осум години е верна на сините бои. Таа е претставничка на клубот (задолжена за акредитации и има позиција на press-officer) и според податоците од сајтот на Челси, таа е втора вработена со најдолг стаж во клубот.

Жозе Мурињо во два мандати беше тренер на Челси. Додека седеше на клупата на сините од Лондон освои три шампионски титули во Премиер лига, три Лига Купа и еден ФА Куп. Потоа го водеше и Манчестер Јунајтед но навивачите му го простија тоа и за нив тој и натаму е голема клупска легенда.

„Јас сум најголемиот, сè додека некој не освои четири (шампионски титули). Челси е победничка машина која во изминатите две и повеќе години нема трофеи. Но Челси освои нешто пред моето време и после ние почнавме да победуваме, мојот тим освојуваше, потоа трансформација со нови тимови, нови тренери, повеќе трофеи, европски пехари и најголемиот во Лига на шампиони. Така што Челси е победничка машина“, рекол Мурињо на прес-конференцијата пред натпреварот Челси - Бенфика.

Тој вели дека не очекува навивачите на Челси да го исвиркуваат утре („Барем на улица тие ме застануваат за сликање и автограми“) и дека очекува добар прием.

Тој ги упатил новинарите и на еден од ѕидовите на „Стемфорд Бриџ“ каде стојат фотографии со трите негови пехари освоени во Премиер лига.

„Во врска со овие слики, нема многу клубови кои го направиле ова, зошто во многу, многу клубови има страв од тоа што се случувало во минатото и има голема трансформација од слики.

Понекогаш личи како да тие (клубови) сакаат да избришат луѓе кои направиле историја во нивните клубови.

Секако, јас секогаш ќе бидам „син“. Јас сум дел од нивната историја и тие се дел од мојата историја. Јас му помогнав на Челси да стане поголем и тие ми помогнаа да станам поголем Жозе. Кога велам „не сум син“ се надевам дека сите ќе разберат дека зборувам за работата што ја имам утре“.

30 септември 2025 - 09:44