Не е во прашање само сличноста помеѓу Ескриба и Мурињо, туку врските помеѓу Елче и Реал Мадрид се многу длабоки и историски.
Сантјаго Бернабеу, најважната фигура во историјата на Реал Мадрид кој беше играч, тренер и претседател на овој клуб, бил голем навивач на Елче. Тој е роден блиску до провинцијата Аликанте, а по пензионирањето живеел на 15 килметри од стадионот на Елче.
Токму тој е и причината што стадионот на Елче кој го носи името Мануел Мартинез Валеро е минијатурна копија на стадионот Сантјаго Бернабеу во Мадрид.
Тој е и причината што уште една легенда на Реал Мадрид, Алфредо Ди Стефано го одбра токму Елче како прв клуб во неговата тренерска кариера. Бернабеу го убедил својот пријател да си ја проба среќата во овој град.
Од 2012-та година на кормилото на овој тим застана Фран Ескриба кој ја предводеше Екипата на Елче до пласман во Примера - онаму каде што навивачите сметаат дека му е местото на овој тим.
Под негово водство Елче ја имаше најдобрата сезона во последните 25 години. Многумина го нарекуваат „Мурињо од Елче", не само затоа што наликува на него, туку и затоа што имаат многу сличности во кариерата и стиловите.
Слично како Мурињо и Ескриба никогаш не успеал како играч и не се пробил во тимот на Валенсија кој бил единствениот клуб во неговата кариера.
Долги години тој му беше асистент на Кикие Санчез Флорес и го следеше Хетафе, Валенсија, Бенфика и Атлетико Мадрид пред да се разделат минатата година кога Ескрибе ја прифати понудата од Елче, кои не можеа да направат подобар избор.
Тој направи одлична атмосфера во тимот, а неговиот стил е многу сличен до оној на Мурињо. Елче не се опседнаа со посед на топка минатата сезона, туку се фокусираа на дефанзивна организација со пресинг на целиот терен и брзи контра напади.
Бројките самите говорат. Елче го освои првото место во шпанската Сегунда со само 54 постигнати голови на 42 натпревари, но она што импресионира се 27-те примени голови во текот на целата сезона.
Ескриба доби неколку понуди од поголеми клубови во текот на летото, но тој се одлучи да остане во клубот кој го предводеше до прв пласман во Примера по пауза од 24 години.
Синоќа тој беше на прагот до уште еден голем успех откако неговиот тим имаше 1:1 против Реал Мадрид до 96-та минута, но се случи грабежот.