Ова накратко го пројде детето кое собира топки на стадионот на Тотенхем, Калум Хајнс (15), на мечот меѓу Спарс и Олимпијакос 4-2 во Лига на шампиони.
Тимот од северен Лондон, предводен од новиот тренер на клупата, Жозе Мурињо, губеше со 0-2 од Олимпијакос, но на крајот го сврте резултатот и славеше победа.
По голот на Деле Али пред самиот крај на првиот дел за 1-2, навивачите на Тотенхем поверуваа во пресврт. А само што почна вториот дел, во 49 минута и 10 секунда од мечот, грчкиот фудбалер Јоргос Масурас стартуваше над Серж Орие кај десната аут линија.
Топката отиде во аут а од таму назад најбрзо што може ја врати малиот болбој Калум кој му ја додаде на Орие во 49 минута и 12 секунда. Десниот бек изведе аут кон Лукас Мура кој експресно брзо го пронајде Хари Кејн кој во 49 минута и 17 секунда постигна гол за 2-2 и огромна радост на стадионот.
Додека сите славеа, Мурињо тргна кон малиот Калум и му честиташе за брзата реакција.
До крајот од мечот Орие и Хари Кејн одново ги поставија конечните 4-2.
„Да го направиш тоа треба да си навистина добар болбој. Јас исто меѓу 10 и 15-16 години бев многу добар болбој. Калум е одличен, ја разбира, ја чита играта. Тој не е тука само да гледа во трибините и во шаловите. Тој ја чита играта и игра многу добро. На крајот, сакав да го викнам во соблекувалната со нас да прослави, но тој веќе заминал“, изјави Жозе Мурињо после мечот.
Додека Португалецот го барал, Калум бил на пат назад дома во Есекс со татко му Метју и мајка му Кили.
„Бевме на стадион и го видовме Жозе како оди кон Калум. Мислевме дека ќе му направи само „хај-фајв“ и не очекувавме ништо друго, но од тогаш телефонот не престана да ни ѕвони. Насмевката на лицето на Калум. Колку беше убав начинот на кој Жозе му се заблагодари“, вели мајката на малиот.
Калум тргнал веднаш дома со неговите затоа што во средата наутро го чекал тест по математика. Но за среќа му го поместиле за четврток.
„Нереално е!“, ја почнува својата приказна Калум кој е “ветеран“ крај аут-линијата на натпреварите на Тотенхем затоа што веќе ја одработува шестата сезона. Бил и додека играа на Вембли, на стариот Вајт Харт Лејн па дури и во Лига Купот на стадионот на МК Донс.
„Само си ја работев работата. Ја земав топката и после слушнав прослава. Се свртев а Хари веќе славеше. Ја гледав репризата на голот на видео бимот и може да видите од мојата насмевка дека беше неверојатно. Прекрасно беше што Жозе дојде кон мене. Ми го направи денот, животот, навистина! Ги сакам Спарс и тоа беше прекрасен момент што никогаш нема да го заборавам!“, рекол Калум Хајнс за сајтот на Тотенхем.