Мурињо иронично му врати на Рој Кин

Откако Ирецот изјави дека малку фалело да го нокаутира Специјалниот по некоректниот потег за време на дуелот меѓу Челси и Астон Вила, Португалецот возврати во свој стил.

„Натпреварот сè уште се играше и тој не смее да си дозволи да приоѓа кога уште не е свирен крајот на мечот. Неблагодарно е така да се однесува со противничките тренери и некој може да го нокаутира“, изјави Рој Кин, помошникот на Пол Ламберт во Астон Вила.

Не само во последните минути од дуелот со Вила, туку и на други натпревари, Жозе Мурињо има навика порано да тргне кон соблекувалните и на тој начин да ја потцени противничката клупа.

„Ги почитувам нивните коментари. Мислам дека станува збор за учтиви луѓе, а јас како припрост човек можам да научам од нив, како што учам секој ден. Ги ценам нивните изјави, затоа што тоа се луѓе со префинети манири“, саркастично во свој стил изјави Мурињо.

Во пресрет на дуелот со Кристал Палас од Премиерлигата, Мурињо се пожали дека составот не му е комплетен.

„Ќе почекам до утре, иако листата на повредени играчи е многу долга. Рамирес, Дрогба, Диего Коста, Ширле, Микел. Ќе видиме утре дали ќе можат да настапат“, изјави Мурињо, кој лани загуби против Кристал Палас.

Диего Коста се врати повреден од квалификациските средби на Шпанија против Словачка и Луксембург, по што Мурињо повторно го обвини шпанскиот фудбалски сојуз дека е виновен што го ставиле во игра а бил неопоравен.

„Поразот во март против Кристал Палас не беше лекција за мене, затоа што нормално е да загубиш кога играш така лошо. Мене ми е многу лесно да ги анализирам натпреварите кога заслужено сме загубиле. Кога сум заслужил да загубам, знам зошто сум загубил“, констатирал Мурињо.

Челси му гостува на Кристал Палас во сабота од 16:00.

17 октомври 2014 - 16:41