Мурињо им ја искритикува нивата, а тие добија казна

Жозе Мурињо во пресрет на првиот осминафинален дуел од Лига Европа се пожали дека на теренот на Ростов е невозможно да се игра пас игра. Прво: беше во право и второ: суспензијата е реална.

Рускиот клуб Ростов доби забрана да игра натпревари на домашен терен, само една недела откако тренерот на Манчестер Јунајтед упати отворени критики за очајната состојба на теренот кој повеќе личеше на која нива на која се игра селски фудбал, отколку стадион спремен за меѓународни натпревари.

Мурињо беше остар во врска со теренот на Ростов уште пред да почне првиот осминафинален дуел од Лига Европа и сега челниците на Ростов ќе мора да бараат друга алтернатива се додека не го закрпат теренот за да заличи на нешто.

Пред мечот Мурињо изјави:

„Тешко ми е да поверувам дека утре ќе играме на таков терен, ако воопшто може да се нарече терен“.

А по мечот:

„Одигравме добро со оглед на условите. Беше невозможно да се игра подобро и да се игра пас игра. Се сеќавам кога бев дете, натпревари на вакви терени се играа во Португалија. Добро е што ги видов моите играчи како се борат со секоја топка. Реков и пред натпреварот дека не сакам повеќе да минувам низ вакви работи. Готово. Резултатот е отворен пред реваншот и ова е едно ново искуство за нас, бидејќи нашиот фудбалски живот е полн со искуства, а ова беше ново за нас“.

Руската лига му дозволи на Ростов да најде друг стадион за да ги игра домашните натпревари, се додека не го направи теренот во соодветна состојба.

Инаку стадионот на Ростов не е во комбинација за Светското првенство идната година.

15 март 2017 - 13:26