Две мега пресметки помеѓу великаните Реал Мадрид и Барселона до крајот на сезонава за сега се сигурни. Првата е на 23 март во рамките на Примера која ќе се игра на „Сантијаго Бернабеу“, а втората е во финалето од Копа дел Реј на „Местаља“ на 16 април.
Фудбалерите на Барселона веќе обезбедија пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите, а со една нога се таму и „Кралевите“ кои за неколку дена го пречекуваат Шалке на домашен терен со огромна предност од 6:1 од првиот дуел.
Доколку ждрепката за четвртфиналињата се случи да ги судри овие две екипи во најквалитетното европско натпреварување, во рок од 24 дена ќе се изнагледаме фудбал помеѓу големите шпански ривали на три различни натпреварувања.
Тоа последен пат се случи во 2010/2011 со таа разлика што се сретнаа во полуфиналето од ЛШ. Реал под водство на Мурињо тогаш беше елиминиран, а ударот го возврати во Купот. Првенствениот дуел заврши без победник, а титулата ја освои Барселона.