Во последното коло од Серија А тимот на Стефано Пиоли ја совлада цврстата Аталанта на гости (0:2) и со 79 бода Милан успеа да заврши втор на табелата пред тимот од Бергамо.
Интересно, циклусот на овој Милан почна токму после еден дебакл од Аталанта (0:5) во декември 2019-та. Управата на црвено-црните тогаш се реорганизираше а реши и да го враќа Златан Ибрахимовиќ од заслужена пензија за да донесе позитивни промени. И стварно донесе.
МИЛАН СЕ ПЛАСИРАШЕ ВО ЛШ НО ШТО ПОНАТАМУ? НА ПОЛА ЕКИПА ИМ ИСТЕКУВА ДОГОВОР
1. Откако екипата се пласираше во Лига на шампиони, сега се зголемија шансите во тимот да останат Џанлуиџи Донарума и Хакан Чалханоглу чии агенти долго време поставуваат неприфатливи услови за управата на Милан за нови договори. Наводно и Чаланоглу и Донарума сакале да видат гаранции за развоен проект на клубот на долги години а не да се задоволат со еден пласман во групна фаза на ЛШ (свеж пример е Лацио).
2. Според La Gazzetta dello Sport Милан ќе добие од УЕФА 50 милиони евра за учество во групната фаза следнта година а тоа ќе придонесе долговите да се намалат од 195 милиони на на 145. La Repubblica пишува дека Милан е спремен да склучи мировен договор со УЕФА за финансиски фер плеј во октомври. Дали е ова назнака дека клубот се опоравува?
3. Истиот лист пишува и дека на „шорт-лист“ за засилувања на нападот се наоѓа и Пауло Дибала од Јувентус а и други топ играчи поради привлечноста да се игра Лига на шампиони.
4. Милан сигурно ќе го откупи договорот на Фикајо Томори од Челси. Управата на Милан смета дека англискиот бек со африканско потекло треба да остане во тимот.
5. Сандро Тонали исто ќе биде откупен во целост од Бреша, а останува да се види статусот на Браим Диаз и Диого Далот за кои Милан сака да ги продолжи позајмиците исто пак со право на откуп догодина.
6. На многу фотографии и видеа од прославите ги немаше Марио Манџукиќ и Алесио Ромањоли. Дали и двајцата си одат? За волја на вистината го нема ни Златан но тој веќе го продолжи договорот.