Михајловски направил кам бек во Вардар откако добил ветувања за финансирање во клубот од државни институции, но за возврат добил помош еднаква на нула.
Тој признава дека немал да се нафати сам да го води клубот со оглед на неговите можности.
„Сергеј Самсоненко заслужува почит за петте години водење на Вардар, во кои стигна до две титули европски првак. Toj се повлече од свои причини во кои не сакам да навлегувам, а јас како долгогодишен спонзор прифатив да се вратам и да го спасиме Вардар. Направивме добар тим, но да бидам искрен немаше никогаш да се нафатам сам во овој предизвик бидејќи знам колку можам да обезбедам. Го направив ова во договор со државни институции.
Свесен сум дека влетавме во лошо време за државата и за клубот, пред сè поради пандемијата, па енергетска и економска криза, а сега и со војната во Украина, но цврсто ми ветуваа дека нема да ме остават на цедило. Не мораше сето тоа што сме се договориле, но очекував барем половина од тоа што ми беше ветено. За возврат добив помош еднаква на нула. Верував дека тие луѓе ќе имаат своја доблест, тоа што го ветија да го реализираат и затоа сум благодарен до спонзорите кои ни помагаа во овие две години“.
Имал состаноци во ЕХФ за ситуацијата, но не и опомена дека можат да бидат исфрлени.
„За следната сезона потпишавме нови четворица ракометари, Дуарте, Цехте, Андреев и Анѓелиќ и бевме убедени дека екипата е барем за 20% посилна, не само подари засилувањата, туку и поради актуелните играчи кои се воиграа. Такви беа плановите сè до 17 јуни, кога се случи непосакуваното. Имав средба со Видерер во Виена и во Келн, меѓутоа тие поинаку ги сфаќаат работите.
Имавме рок до 15 мај за 500.000 евра кои ги плативме на 31 мај. Чудно и симптоматично е што никој од ЕХФ не напиша, дека ако не платиме нема да играме. Првата година имавме перипетии, но јас потпишав дека ги преземам долговите од 2,5 милиони евра.
Втората сезона не условија со депозит од 1 милион евра. До нас не дошла ниту една тужба од играчите. Никогаш не било децидно, ако не ми платите до тогаш, ќе ве дадам на суд. После сето ова што ни се случи, одржавме состанок со играчите што се во Македонија и мораме и понатаму да размислуваме за иднината на Вардар. Не сакам да помислам судбина како онаа на фудбалскиот клуб или на Кометал“.
37 компании добиле покана да станат спонзори на Вардар.
„Вардар ќе игра во македонските натпреварувања и ќе ги брка титулите, исто како и во СЕХА лигата. Морам да напоменам дека ќе продолжи да опстојува, ќе го задржиме целиот тим од минатата сезона, треба да одржам разговори уште со Дибиров и со Томовски, со оглед дека не беа во Македонија во изминатиот период.
Имам 75 години, не ги кажувам многу често, и би сакал да најавам оставка, но не во овој момент. Сакам да најдеме стабилни спонзори кои ќе ја продолжат традицијата на РК Вардар, да остане македонски спортски бренд и во иднина. Доставивме барање до 37 компании да влезат како спонзори во клубот, се повикуваме малку и на македонштината“.
Михајловски рече дека ако Давид Дејвис се предомисли или не најде нов клуб, вратата во Вардар му е отворена. Инаку за тренер во следната сезона смета на неговиот помошник Владо Недановски.