Најдобриот светски играч за 2009, 2010, 2011 и 2012 година е неисцрпна тема за пишување и тој со секој нов погодок ги поместува границите во фудбалот и е главна закана за рушење на рекорди.
Најновиот кој му е на мета, е оној со листата на стрелци во Лигата на шампионите каде со голот против Манчестер Сити стигна до бројката од 66 со што му се доближи на Раул Гонзалес на само пет гола.
Меси 66-те погодоци ги постигна на 83 натпревари и со тоа има просек од 0,79 постигнати погодоци по натпревар, за разлика од славниот поранешен играч на Реал Мадрид кој до лидерската позиција од 71 гол стигнал постигнувајќи просечно по 0,49 по натпревар.
На листата на најдобри десет стрелци во Европа на делба на третата и четвртата позиција се Кристијано Роналдо и Ван Нистелрој со по 60 гола. Заедно со поранешниот холандски напаѓач сите останати голгетери не се повеќе активни играчи или не настапуваат за клубови од стариот континент.
На петта позиција е Андриј Шевченко (59), па Тиери Анри (51), Филипо Инзаги (50), Алфредо Ди Стефано (49), Еузебио (47) и Алесандро Дел Пјеро (44).
На европската фудбалска мапа Лионел Меси ги тресел мрежите на 21 стадион во 14 различни земји. Се разбира најпрецизен бил на „Камп Ноу“ каде има постигнато 36 гола, а деби погодокот му беше против Панатинаикос на 2 ноември 2005 година.
По држави Аргентинецот постигнал најмногу голови во Украина, вкупно четири, а по три пати стрелал во Германија, Англија, Шкотска и Чешка.