Без првите 2 голмани, украинскиот клуб слетал во Каталонија со тројца чувари на мрежата помлади од 20 години - Руслан Нешерет (18), Валентин Моргун (19) и Денис Игнатенко (17).
На голот застана 18-годишинот Нешерет и направи блесок за кој се зборува неделава во Европа.
Младиот украински голман имаше 12 чисти одбрани што е рекорд во Лига на шампиони по 2013-та година наваму. Минимум 5 од тие одбрани му беа буквално паради (најчесто им бранеше шутеви на Меси, Педри и Дембеле).
Динамо Киев достојно изгуби 2:1 и вредно е да се напомене дека дојдоа со скрпен состав и дека имаа пар 100% шанси во кои Тер Штеген спречи сензација (бекот на Динамо Александр Андриевски после мечот рече дека германскиот гоман е спајдермен).
А како ли би го нарекле 18-годишниот Руслан Нешерет. Дечкото уште не влезен со 2 нозе во професионален фудбал а на „Камп Ноу“ бранеше како што не бранеле ни многу поголеми ѕверки:
Но за разлика од Тер Штеген, Нешерет до вторникот слабо го знаеле дури и украинските навивачи.
ПРВПАТ БРАНЕЛ ЗА ДИНАМО НА 18 ГОДИНИ
Руслан Нешерет станал вториот најмлад гоман во историјата на Динамо Киев во украинско првенство, после Максим Коваљ кој сега брани во саудискиот Ал Фатех.
И двајцата дебитирале во украинската Премиер лига на меч против Днепар. Максим дебитирал на 17 години и 256 дена, а Руслан на 18 години и 282 дена.
Нешерет како и Коваљ брани под бројот 35.
СЕКОГАШ ИГРАЛ СО ПОСТАРИТЕ
Руслан Нешерет се родил во Мукачево, мало градче во Задкарпатската област. Веќе на осум години знаел што сака да прави и застанал на гол.
„Прво на почеток играв нешто во одбрана или во напад, а после ме мрзеше да трчам и побарав да бранам на гол. Пробав и ми се виде интересно. Така и таму останав од тогаш“, се сеќава Руслан.
Брзо го приметиле скаутите на Динамо кои имаат мрежа низ цела Украина и на 10 години му понудиле да се пресели во Киев, но родителите сметале дека е мал да оди во големата престолнина.
После две години Нешерет се нашол во детскиот камп, во академијата на Динамо Киев. Руслан уште од првите тренинзи се двоел по талент од сите други голмани, па го префрлале во повозрасна категорија.
„Кога требаше да бранам за У-13, во групата У-14 имаше еден голман и тренерот Олег Венглинскиј ме префрли во постара група. Од тој момент почнав постојано да играм со постари од мене и за генерацијата 2002 кога сум роден не бранев воопшто. Во У-14 немаше толкава разлика како потоа во У-19“, раскажал Нешерет.
Уште во академијата стекнал меѓународно искуство, го викале редовно за репрезентацијата на Украина У-16 и У-17. Се му одело од рака да го направи најголемиот чекор во сениорски фудбал.
НЕШЕРЕТ Е И ОДЛИЧЕН ПЕНАЛЏИЈА
Иако е еден од најмладите голмани во Украина, Нешерет важи за многу добар пеналџија. На младинскиот турнир „Мемориал Баников“ во летото 2018 против репрезентацијата на Турција одбранил три пенали и бил играч на мечот. Исто и против Финска фатил неколку пенали, а бранел пенали и против Шахтјор во младинското дерби.
Кога го прашале во што е рецептот, рекол:
„Во ништо посебно. Просто играчот што шутира пенал, треба психолошки да влијаеш пред изведувањето, да му ја земеш топката или постојано да го гледаш право во очи, па ќе пријде многу исплашено. Мирно да стоиш, никаде да не се движиш. Обично стојам до сам крај“, вели Руслан.
ИДОЛИ МУ СЕ ЕДЕРСОН И АЛИСОН
Иако е добар пеналџија, за сега слаба точка му е играта со нозе, можеби затоа што е многу висок па најчесто дејствува на самата линија.
Но од друга страна игра и со лева и со десна нога што е права реткост кај голманите.
„Во детство се угледував на Александар Шовковси а сега на Андреј Пјатов, Едерсон и Алисон“, вели Рулан.
Нешерет веќе дебитирал за младинската репрезентација на Украина каде конкурент му е уште еден сјаен млад голман од оваа земја - Анатолиј Трубин кој дебитираше во Лига на шампиони и бранеше во страшниот триумф на Шахјтор од 0:3 против Реал во Мадрид.
ГО БАРАЛ МОНАКО, А ТОЈ СОНУВА ЗА РЕАЛ
За 6 години колку што е во структурата на Динамо Киев, Руслан Нешерет имал стрмоглав подем. Минатата зима за малку ќе отишол во Монако. Според „Футбол 24“, Нешерет одамна е во тефтерот на скаутите на Монако. Но клубовите не се договориле околу трансферот.
„Сакам да бранам во англиска Премиер лига, а ми се допаѓа и Ла Лига. Од дете сонувам да бранам за Реал Мадрид“.
Прочитајте уште и: