Онил заедно со својот помишник Рој Кин ќе ја водат селекцијата на Ирска во следните две години, а на првата средба со новинарите тој зборуваше и за тренерската смена во Сандерленд кога на негово место дојде темпераментниот Паоло Ди Канио.
Италијанецот го замени Онил во март минатата сезона и го обвини неговиот претходник дека му оставил фудбалери со слаба физичка подготвеност.
„Ди Канио како тренер е шарлатан и секогаш бара изговори. Интересно е што на по неговото деби против Челси изјави дека екипата не била во форма, а кога по една недела го победи Њукасл не зборуваше за кондицијата на своите играчи. Потоа по две недели Сандерленд загуби од Астон Вила, а Ди Канио не знаеше што да одговори на прашањето за кое постојано ме обвинуваше мене", вели Онил.
„Кога ремизираше во последната минута против Саутемтон, повторно го прашаа за физичката подготвеност за тимот, а Паоло одговори дека не требале неговите играчи да бидат во форма за овој меч, туку за оние во зима. Во тој момент не можев да не се изнасмеам", изјави ирскиот стратег.
По успешната авантура во Свиндон, Ди Канио имаше успешно тренерско деби во Премиер лигата со што го спаси Сандерленд од испаѓање, но по слабите резултати на стартот од оваа сезона беше отпуштен уште во септември.
Ди Канио важи за конроверзна фигура во Англија. Како тренер на Свиндон се степа со еден од своите играчи, а спротивно на тоа веќе долго време се памети неговиот фер плеј потег кога како играч на Вест Хем со рака сопре акција при повреда на противнички играч.
Со оглед на неговиот незгоден карактер, очекуваме брза и конкретна реакција по овие обвинувања упатени на негова адреса.