Кога се официјализираше неговиот премин во Наполи пред 10 години, во градот веста ја примиле незаинтересирано. Ништо лично против играчот, но во тој момент не беше аквизиција која ќе го разбуди вулканот Везув.
Башка што кога Словакот го доби дресот на промоцијата беше и новото засилување Езекјел Лавеци. Во исто време во спортскиот центар Кастелволтурно имало преку 400 тифози кои наместо да им посакаат добредојде на новајлиите, протестирале против управата: „Доста илузии, вадете милионите“.
Навивачите не биле задоволни со млади играчи, сакале шампиони, докажани и спремни. Чиста спортивставеност. Марек Хамшик кој на 28 јуни 2007 ја напушти Бреша и стана нов играч на Наполи ги претставуваше и двете работи: ем млад (уште неполни 20 години) ем чиста класа. Само кој да знаел тогаш.
НАПОЛИ И САМО НАПОЛИ
Во период од првиот ден во клубот до денес, Хамшик стана капитен, симбол и најсаканиот играч во градот кој наскоро би можел да го израмни рекордот на Диего Марадона по бројот на постигнати голови во аѕурниот дрес со што дефинитивно ќе влезе во историјата.
Марек на „Сан Паоло“ дојде во годината во која Наполи се врати во Серија А и од тогаш неговото место на средината од теренот и бројот 17 се незаменливи.
Поминаа тренери, соиграчи, управи, се менуваа градоначалници, директори и претседатели, но тој остана верен на Наполи. А имаше понуди од Јувентус, Манчестер Јунајтед, Милан. Толку го сакал Наполи што на времето го избркал менаџерот кој го убедувал да заминат.
ИСКУСЕН Е И ЗРЕЛ КАКО 30-ГОДИШЕН
Во летото 2007 Марек се искрцал во Неапол со големи очекувања. Неговите години во Бреша беа позитивни. Но сега му требаше чекор напред. Многумина веруваа дека нема да ги изневери очекувањата. Серсе Козми, неговиот последен тренер во Бреша во моментот кога Словакот замина во Неапол изјави:
„Тој е нешто меѓу Гати и Недвед, зрел е како да има 30 години. Го пробав на многу позиции во средината, па и зад напаѓачите и можам да кажам дека секогаш одлично се снајде. Од мој агол, најдобар е во средина со тројца. Игра едноставно и лесно а знае да даде страшна асистенција.“
Врската на Марек со Наполи датира многу пред неговото доаѓање во клубот. На 11 февруари 2006-та Марек со Бреша играл против Албинолефе на домашен терен. Во публиката на стадионот „Ригамонти“ бил и Пјерпаоло Марино, спортски директор на Неаполитанците.
Диригентот дошол да го „снима“ Омар Милането кој на крајот од сезоната требал да дојде во Наполи како слободен играч. Но судбината сакала вниманието да му го украде едно младо дете кое имало фризура „четка“ (мокахавка) како син му.
„Марек играше малку тој меч, но на почетокот бев љубопитен за неговото тешко презиме за изговор и од изгледот. Потоа влезе на теренот токму наместо Милането и веднаш сфатив дека е на „ти“ со топката. Страшен режизер. Помислив: Овој ќе биде голем играч. Тоа е сензација која што ја чуствуваш кога си пред шампион“, раскажа подоцна Марино кој сега е спортски директор на Аталанта.
На еден стар волк како Марино малку му требало да почне да размислува дека ќе го земе по секоја цена. Се вратил во Неапол и зборувал со претседателот Де Лаурентис. Му кажал дека малиов ќе биде идеален за средниот ред. Де Лаурентис некако се убедил.
Како дошло до трансферот? Марино раскажува: „На еден од првите состаноци на лигата на кој присуствуваше, Де Лаурентис му се јави на Луиџи Кориони, претседателот на Бреша и му кажа: „Треба да ми дадеш еден твој играч зошто сакам да му подарам нешто. Ќе го пуштиш ли за шест милиони? -Да.
Си дале рака и договорот паднал.
МАРЕК ЗА НОВ НАПОЛИ
Дефинитивниот договор меѓу Бреша и Наполи со овие вториве промовирани во Серија А заедно со Јувентус и Џенова, паднал на 28. јуни 2007. Презентацијата била на 16 јули заедно со Лавеци. Хамшик тогаш уште бил дете. Немал ни 19 години. Во Кастелволтурно се сликале заедно, а Хамшик тогаш немал толку многу тетоважи колку што има денес.
Од тој момент почнала љубовта и неверојатниот однос меѓу Марек и Неапол