„Не сум бегалец, а никогаш не сум ни бил. Јас играв фудбал, а за процедурите за плаќање данок се грижеше претседателот на клубот Ферлаино. Не е фер тие луѓе слободно да одат во Неапол, за разлика од мене. Тие што велат дека сум виновен и дека не сум плаќал данок нека ги покажат доказите пред цела Италија и пред цел свет. Не се плашам да заминам во Италија. Јас моментално работам во Дубаи, затоа што по светското првенство, не можев да работам во мојата земја Аргентина", вели Диего Марадона.
Иако неодамна од "чизмата" пристигна вест дека италијанските власти му го поништиле финансискиот долг на Марадона, сепак италијанското правосудство ја демантираше оваа информација.
Поранешниот фудбалер се товари за затајување на данок од околу 40 милиони евра додека настапувал за тимот на Наполи во периодот од 1984 до 1991 година.
Минатата година тој одлучи да поднесе противтужба, затоа што поради спорот со Италија, не можел да потпише договор ниту со еден италијански клуб и со тоа загубил многу пари, а за неговите тренерски услуги имало голем интерес.