Случајно или не, Роберто Манчини заработи отказ од Манчестер Сити на годишницата од освојувањето на титулата. Навивачите на Сити чекаа 44 години за шампионска титула и конечно ја дочекаа минатата година, но газдите на клубот немаа трпение и по една сезона без трофеј, денес му врачија отказ на 48-годишниот тренер.
Освен со годишнината од освојувањето на титулата, отказот на Манчини се совпадна и со прославата по повод освојувањето на титулата на нивниот голем градски ривал Манчестер Јунајтед.
Оваа сезона Манчестер Сити отпадна од групната фаза на Лигата на шампиони, титулата од Премиер лигата замина кај Манчестер Јунајтед, а чашата ја прели поразот од Виган во финалето на ФА купот.
До крајот на сезоната на клупата на Манчестер Сити ќе седи еден од неговите помошници, Брајан Кид.