Пред 14 години противничкиот одбрани не можеа да го најдат лекот за напаѓачите на Манчестер Јунајтед. Алекс Фергусон тогаш во составот ги имаше Енди Кол, Двајт Јорк, Оле Гунар Солскјер и Теди Шерингем кои на крајот од сезоната постигнаа вкупно 76 голови, а освен со статистиката, оваа генерација се прослави и со трофеите. Во 1999-та година Манчестер Јунајтед ги освои трофеите од Премиер лигата, ФА купот и Лигата на шампиони.
Оваа сезона славната четворка од 1999-та година доби свои наследници. Тоа се Вејн Руни, Робин ван Перси, Хавиер Ернандез и Дени Велбек.
Запрашан дали денешната четворка е најдобрата што ја имал на Олд Трафорд, Фергусон одговори:
„Мислам дека е така. Четворката од 99-та беше фантастична и не може да се каже лош збор за нив, но денес имаме напаѓачка четворка што е подеднакво добра."
Тоа го потврдува и статистиката. Денешниот напаѓачки квартер до сега има постигнато 47 голови (Ван Перси 22, Ернандез 14, Руни 10, Велбек 1), а квартетот од 99-та во истата фаза имаше 46 голови (Јорк 18, Кол 15, Солскјер 11, Шерингем 2).
На крајот од сезоната 1998/99, напаѓачката четворка постигна вкупно 76 голови (Јорк 29, Кол 24, Солскјер 18, Шерингем 5), а овие нивни голови на Манчестер Јунајтед му донесоа 3 важни трофеи. Преостанува да видиме дали денешната напаѓачка четворка ќе успее да го повтори или подобри овој успех.