Историски блам

Манчестер декласиран од Брајтон со 4-0, Јунајтед ја игра најслабата сезона во Премиер лига

Манчестер Јунајтед продолжува да го руши угледот и да го ситни авторитетот кој некогаш го имаше како трофеен хегемон во англискиот фудбал. Тимот предводен од Ралф Рагник доживеа историски срам кај Брајтон на гости и ги изгуби шансите за пласман во Лига на шампиони.

Хронолошки, Брајтон поведе 1:0 преку Моизес Кајседо кој во 15’ минута го постигна дебитантскиот гол во Премиер лига. Варан во 42’ минута му подари една топка на Дени Велбек пред својот шеснаесетник и малку фалеше домаќинот да го зголеми водството.

Тоа им појде од рака во 49’ минута преку Шпанецот Кукуреља кој исто го даде првиот гол откако е дојден во Премиер лига. Во 58’ минута Паскал Грос му избега на Варан за 3:0 а конечните 4:0 за убедлив триумф на Брајтон ги постави Леонардо Тросард по слабата реакција на бекот Диого Далот.

На другата страна една апсолутна нула. Единствено Единсон Кавани имаше пар добри шанси, даде и гол кој му го поништија поради офсајд. Брајтон можеше да победи уште поубедливо.

ЈУНАЈТЕД ПОСТАВИ НЕКОЛКУ НОВИ АНТИ-РЕКОРДИ И ОВА Е НАЈСЛАБА СЕЗОНА НА КЛУБОТ ОТКАКО Е ВО ПРЕМИЕР

„Кошмарен настап. Од прва до последна минута игравме недоволно. Можеме само да побараме простување за овој понижувачки пораз. Му дадовме многу време и многу слободен простор на противникот. Не можевме да им ги прекинеме нападите меѓу линии.

Им зборувавме на играчите дека е потребно да бидат што е можно покомпактни, но не можевме да го сопреме противникот. Не мислам дека играчите го игнорираа планот за натпреварот. Не им одеше. Кога оставаш многу слободни зони со технички добар противник, ќе те казни“, изјави Рагник по историскиот блам.

Германскиот тренер и некои играчи им се извинија на навивачите, но во исто време поставија и многу анти-рекорди:

- Ова е историски најслабата одбрана на Манчестер Јунајтед во Премиер лига: 56 примени гола на 37 натпревари. Го надминаа и досегашниот негативен рекорд од 54 примени гола во 2018/2019.

- Ако тимот од Олд Трафорд во следното коло го победи Кристал Палас (последен меч за Јунајтед сезонава), ќе собере 61 бод. И тоа ќе биде најлошиот учинок во историјата на клубот. Претходно во „најкриминалната“ сезона под Дејвид Мојс во 2013/2014 собраа едвај 64 бода.

- Дебаклот 4:0 на Манчестер е воедно и најголема победа на Брајтон во 365 натпревари во Премиер лига во клупската историја.

- Кристијано Роналдо првпат во кариерата ќе пропушти пласман во Лига на шампиони ако не замине од Јунајтед следната сезона.

ДЕБАКЛИТЕ НА МАНЧЕСТЕР СТАНАА РЕДОВНИ СЕЗОНАВА

Јунајтед викендов го доживеа шестиот дебакл сезонава. Такво нешто немале одамна. Два од шест дебакли им беа под Солскјер а четири со Ралф Рагник:

Ливерпул дома - 0:5
Вотфорд гости - 4:1
Манчестер Сити гости - 4:1
Ливерпул гости - 4:0
Брајтон  гости - 4:0.

По заминувањето на сер Алекс Фергусон, Јунајтед веќе на 12 меча примил најмалку четири гола во средби од Премиер лига. Дури шест пати сезонава. При Фергусон во 21 година Јунајтед примил четири гола исто 12 пати, но во повеќе од две децении.

9 мај 2022 - 10:14