Меси со 32 и Роналдо со 31 гол во моментов се најдобрите стрелци во европските лиги, а зад нив не е Тевез, Ибрахимовиќ или Агуеро, туку фудбалерот на Ајнтрахт Франкфурт Александар Мајер.
32 годишниот Мајер е висок 196 см, а поголемиот дел од кариерата ја мина како офанзивен играч од среден ред, но во последните неколку сезони има се помалку дефанзивни задачи и игра се поблиску до гол.
Дека таму му е местото покажува и статистиката. Во првите негови седум сезони за Ајнтрахт постигна 51 гол, а во последните четири мрежата ја наполни 68 пати.
На Комерзбанк арена во Франкфурт во последната деценија не се играше само прволигашки фудбал, но верниот Мајер не се откажа од дресот и настапуваше за него и во сезоната 2011/2012, кога испадна во втора лига и покрај тоа што имаше други понуди.
„Клубот е тука секогаш за мене и кога работите одат добро и кога не одат. Апсолутно е природно да останам и да им помогнам на екипата да се врати во елитата најбрзо што може“, изјави тогаш Мајер.
Тој стана најдобар стрелец во второлигашкото друштво со 17 голови, а сезонава има за него рекордни 19 голови, повеќе од имиња како Диего Коста, Нејмар, Тевез и Робен.
„Во врвна форма сум, најдобрата до сега во кариерата, но веќе реков дека ќе ја поновам пак. Аријен Робен ќе биде најдобар стрелец во Бундеслигата, немам тука дилеми. Секако дека сакам јас да бидам кога ќе заврши првенството, но мислам дека тој е во предност, без разлика што имам два гола повеќе“, изјави Мајер.
Кога доби прашање во што е тајната на неговиот успех, тој го даде следниов одговор:
„Секогаш ја слушам мајка ми, каков и да е советот и немам никакви дилеми, мајката е секогаш во право.
Ајнтрахт Франкфурт благодарение на него котира на осмата позиција во Бундеслигата и е на само четири бодови до Аузбург кој е го игра за Лига Европа.
Легендарната 14-ка која за Ајнтрахт играше заедно со поранешниот македонски репрезентативец Александар Васовски, веројатно е веќе познато каде ќе ја заврши кариерата, а доколку има шпекулации дека ќе менува клуб, најдобро е новинарите да бараат изјава од мајка му.