Хозе Гарсија на натпреварот против Алмерија дебитираше за првиот тим на Осасуна на возраст од само 16 години и 299 денови. Само до тука е веќе интересна приказна, но има уште многу да се раскажува за малиот херој на Осасуна.
Малиот Хозе за прв пат беше снимен на трибините на Осасуна на 7-годишна возраст како страсно навива за својот клуб. Оваа снимка долго време се вртеше на ТВ станиците и тој стана херој на навивачите на Осасуна.
По неколку години Хозе повторно беше снимен на трибините на Ел Садар стадионот во Памплона, а тој не престана да навива со ултрасите на Осасуна дури ни кога почна да игра за младинскиот тим.
Малиот навивач немаше одиграно ниту една минута за Осасуна, а веќе стана клупска легенда. Знамиња и транспаренти со неговото име и лик ги преполнија трибините на стадионот на натпреварот против Алмерија, а во 66-та минута тренерот му даде шанса и малиот ултрас дебитираше за својот омилен тим.