Малерот на Реал Мадрид кој како да е проколнат од повреди

Карло Анчелоти се соочува со доста специфична сезона, која сигурно не му е воопшто лесно да ја менаџира. Едно што се бори со интеграција на Мбапе во густиот напад, а второ со ненормалниот број на повреди.

Реал Мадрид сезонава брои неверојатни 26 повреди по само 19 меча на сите натпреварувања. Во превод тоа значи дека само четворица играчи за сега успеале да избегнат повреда.

Тоа се Фран Гарсија, Ендрик, Антонио Рудигер и замислете 39 годишниот Лука Модриќ.

Секој друг значаен првотимец или играч од клупа доживеал повреда, од Мбапе до Куртоа, а сè уште сме во ноември.

Последниот е Камавинга кој во средата го напушти мечот против Ливерпул во 56 минута и беше заменет со Дани Себаљос. Тестовите покажаа дека има повреда на мускулот и дека ќе биде отсутен 2-3 недели.

Тоа значи дека ќе ги пропушти натпреварите против Хетафе, Атлетик Билбао и Жирона, како и важниот дуел од ЛШ против Аталанта на 10 декември. Оптимистичките најави се дека повторно ќе биде во комбинација за мечот против Рајо Ваљекано на 14 декември.

Листата на повредени играчи на Реал е алармантна со клучни играчи. За дефанзивците Милитао и Карвахал кои имаат вркстени лигаменти, сезоната е завршена, додека Алаба работи во теретана и неговиот кам бек се очекува на стартот од следната година.

Партнерот на Камавинга во среден ред, Аурелиен Чуамени исто така е повреден, а со тоа Анчелоти е доста ограничен во централните позиции.

Дополнително, во напад, бразилските ѕвезди Винисиус и Родриго имаат повреди на тетивата.

Момците на Карло Анчелоти се соочуваат со исцрпувачки период од седум натпревари во следните три недели пред зимската пауза, почнувајќи со натпреварот во недела против Хетафе.

Во ваква ситуација, загриженоста за италијанскиот стратег реално е да биде поголема, бидејќи е принуден да ги користи истите играчи без ротација. Тоа може да доведе до уште повеќе повреди поради замор.

29 ноември 2024 - 13:03