Ако се има предвид дека на Кипар играат стотици легионери од целиот свет меѓу кои има голем број мајстори од Бразил и Аргентина, тогаш признанието кое го доби Иве Тричковски има уште поголемо значење.
На гала-церемонија на островот, Тричковски ја прими наградата за најдобар играч на сезоната од Кипарскиот фудбалски сојуз.
Тричко сезонава стана најдобриот стрелец на АЕК Ларнака, а во еден момент постави и нов рекорд како најдобар голгетер-странец кој некогаш играл за клубот од Ларнака. Со настапите на три фронта, во Кипарското првенство, во кипарскиот Куп и во Лига Европа, Тричковски стигна до бројката од над 20 гола.
Македонскиот напаѓач откако ја прими наградата изјави:
„Ова е голема чест што сум избран за најдобар фудбалер на годината. Да се биде вечерва тука значи дека сум направил нешто многу добро.Сакам да му заблагодарам на семејството и на соиграчите во АЕК Ларнака што ми помогнаа да стигнам тука“, рече Тричковски.
АЕК Ларнака ја заврши сезоната на второ место со 62 бода, односно 8 помалку од шампионот АПОЕЛ, така што Тричковски и следната сезона ќе игра во Лига Европа.
На прашање околу неговата иднина, Тричковски изјавил дека е многу задоволен од животот на Кипар и дека планира да остане во земјата во која е речиси една деценија и каде живее со сопругата и двете деца.
„Јас уживам во секој момент тука на Кипар. И ќе се обидам да бидам уште подобар во иднина“, додаде Тричковски.
Му честитаме на Иве со желба ваков успех да повтори и во Лигата на нации со нашата фудбалска репрезентација.