Македонија собра славни фудбалски имиња за хуманитарниот меч во чест на Кочани

ФФМ ја потврди пријателската средба меѓу Македонија и Бугарија. Низа на легенди повторно ќе го облечат дресот на македонската репрезентација. Меѓу нив и Горан Пандев. Кај Бугарите Валери Божинов.

Хуманитарниот натпревар меѓу ветераните на Бугарија и Македонија и официјално е потврден и закажан за 27 април во 17 часот во Варна.

Организатор е фондацијата „Национали 94“, односно славната генерација на Бугарија од СП 1994 година која заврши четврта во свет, заедно со Фудбалската федерација на Македонија.

Како што беше најавено, легендарните Христо Стоичков и Горан Пандев ќе ги предводат селекциите на двете соседни земји, а пак во улога на селектори ќе бидат Ѓоко Хаџиевски и Димитар Пенев.

За Бугарија ќе настапат Борислав Михајлов, Емил Костадинов, Јордан Лечков, Сираков, Јорданов, Генчев, Красимир Балаков, а од помладата генерација е најавен Валери Божинов, кој се прослави во Серија А.

Македонија собра славни имиња кои ги удрија темелите на репрезентацијата како што се Илија Најдоски, Драган Канатларовски, Тони Мицевски, Љупчо Марковски, Неџмедин Мемеди, Зоран Бошковски...

Но тука се и Агим Ибраими, Ѓорги Христов, Артим Шаќири, кои се само дел од поновата генерација.

На хуманитарниот меч во нашиот состав ќе бидат и Дарко Тасевски и Ванчо Трајанов кои оставија белег во бугарскиот клупски фудбал.

Целта е јасна, да се соберат средства за настраданите во несреќата во Кочани. Билетите чинат 15 лева.

Овој гест на солидарност претставува силна порака за човечност и заедништво и симбол на пријателство, спортски дух и заедничка хуманост, велат од ФФМ.