Македонија гази и игра како никогаш

Македонската фудбалска репрезентација ги меле противниците во групата од лигата Д и се повеќе се наметнува како сериозен кандидат за пласман на ЕП 2020. Вечерва на Филип Втори беше мераци да се гледа фудбал. Си ги работеа како сакаат.

По победите против Гибралтар и Ерменија, Македонија го тресна и Лихтенштајн во третиот меч од Лига на нации, овој пат најубедливо со 4:1. Гостите немаа што да бараат против момците на Игор Ангеловски кои играат одличен фудбал и од меч во меч докажуваат дека се најјаки во група.

Мрме се реши за ептен офанзивна постава со “италијанското трио“ Пандев - Несторовски - Трајковски, плус Алиоски и Хасани во прв тим.

Тоа се покажа како полн погодок бидејќи нашиот национален тим си ја обезбеди победата уште во првото полувреме. По 36 минути игра имаше убедлива предност од 3:0.

Сите фудбалери заслужуваат аплаузи за играта и залагањето за репрезентативниот дрес, а вечерва посебно блеснаа капитенот Пандев со гол и две асистенции, како и двојниот стрелец Александар Трајковски. 

Не паметиме ваква Македонија до сега. 10-ти меч без пораз. Секоја чест. Во вторник следува гостување против Ерменците кои денеска се изрезилија дома со Гибралтар кој ги победи 0:1.

Аутсајдерите кои имаат само 30.000 жители, само ни помогнаа и сега сме поблиску до освојување на првата позиција која носи во плејоф за Европско.

1:0 (10 минута - Трајковски)

2:0 (30 минута - Трајковски)

3:0 (36 минута - Пандев)

3:1 (37 минута - Јилдиз)

4:1 (67 минута - Алиоски)

Табела:

1.Македонија 9
2.Лихтенштајн 3
3.Ерменија 3
4.Гибралтар 3

13 октомври 2018 - 22:38