Мајстори за трансфери

Фудбалскиот клуб Порто навистина знае како да работи на трансфер пазарот. Во последните 10 години тие заработиле 472 милиони евра само од продавање на фудбалери.

Некои клубови заработуваат од произведување квалитетни млади играчи во своите фудбалски академии, а некои заработуваат од препродавање. Мајстори во препродавање на фудбалери и заработување на милиони од истите се Порто. Од 2002-та година па до денес тие имаат заработено 472 милиони евра од трансфери.

Фудбалскиот клуб Порто ја има можеби најдобрата мрежа на скаути, а посебно внимание обрнуваат на Јужна Америка, како и на помалите клубови од својата земја. Тие скоро и да не прават грешка и заработуваат огрома сума на секој играч кој што ќе го доведат во клубот.

Сисоко го купија од Виторија за само 264.000 евра и по 15 одиграни натпревари им го продадоа на француски Лион за 14 милиони евра. Пепе го купија од Маритимо за 2, а го продадоа во Реал Мадрид за 26 милиони, а Босингва од Боависта го купија за 1, а го продоа во Челси за 18 милиони евра.

И скаутите од странство одлично си ја завршија работата. Фалкао го доведоа за 4, а го продадоа за 41 милион евра, Андерсон го купија за 4, а го продадоа за 27, Лисандро пристигна за 2, а замина за 21, а последен е примерот со Хулк кој беше доведен за 16 милиони, а продаден во Зенит за 50 милиони евра.

4 септември 2012 - 16:06