Лудило на Монументал, Ривер ја освои Копа Судамерикана

Славната Ривер Плата го победи Атлетико Национал 2:0 во реваншот од второто по ранг натпреварување во Латинска Америка и за прв пат во историјата стигна до пехарот во овој Куп, пандан на Лига Европа.

Првиот натпревар во Меделин заврши 1:1, а синоќа со головите на Габриел Мекадо и Герман Пецела, клубот од Буенос Аирес го совлада колумбискиот Атлетико Национал 2:0. Тоа беше прв меѓународен трофеј за Ривер Плата по 17 години.

„Им честитам на играчите што играа така како што се договоривме. Горд сум што дојдов во овој клуб како тренер, затоа што Ривер Плата е мојот матичен клуб во кој се изградив како личност", изјави Марсело Гаљардо, тренерот и поранешна ѕвезда на милионерите од главниот град на Аргентина.

Ривер не успеа да ги искористи шансите во првото полувреме, но веќе во 54' минута, по корнерот на Леонардо Пискуличи Меркадо погоди со глава за водство. Пецела 10 минути подоцна зголеми на 2:0 со глава и големо славје на Монументал. Претходно во полуфиналето од Копа Судамерикана, Ривер го совлада градскиот ривал Бока Јуниорс.

Ривер Плата веќе во недела против Килмеш може да стигне и до двојната круна, затоа што во првенството заостанува само 2 бода зад лидерот Расинг кој ќе игра против Годој Круз.

Тренерот Марсело Гаљардо стана прв човек во Јужна Америка што и како играч и како тренер ја освоил Копа Судамерикана.

Ова натпреварување настана во 2002. година како замена за дотогашните Копа Мерконорте и Копа Меркосур. Меѓу 2004. и 2008. година во натпреварувањето играа и клубови од Северна и Средна Америка, т.е. од КОНКАКАФ зоната. Во Копа Судамерикана учествуваат 47 клубови од 10 држави, членки на КОНМЕБОЛ.

Учесници во Копа Судамерикана се: Актуелниот победник на истиот куп, 8 клубови од Бразил, 6 од Аргентина и по 4 од Боливија, Чиле, Еквадор, Колумбија, Парагвај, Перу, Уругвај и Венецуела.

Минатата година, аргентинскиот Ланус ја освои Копа Судамерикана, а со 2 трофеи најуспешен тим е Бока Јуниорс.