Прв дел

Лучано Спалети, тајната приказна на еден гениј

Приказна која започнува на мотор со отворена кошула и коса на ветрот, а завршува во Неапол на врвот на Италија. За човекот кој го тренираше Елмас, а кој во сабота ќе има задача да го сопре на Градски е кажано сè: гениј, луд, романтичен, ироничен, суров, сладок, едноставен, неубедлив, недостижен. Кој е всушност Лучано Спалети?

ЛУЧАНО КАКО МОТОРЏИЈА И ПОМОШНИК ВО ФАБРИКА

Средина на 80-те, кога Спалети за сите сè уште за сите е само Лучано. Има 25 години и со гордост го покажува својот мотор, сопатник во неговите авантури на брегот на Ливорно. Носи откопчана кошула и има долга и неуредена коса од возење без кацига.

Летото го поминува во Вада на море, јужно од Ливорно, каде навечер обично се оди на забава. Тој наутро склопува мебел во фабриката на брат му, а потоа тренира со надеж дека ќе стане дел од професионалниот фудбал.

Ќе го добие благодарение на еден негов несреќен претходник на чело на Италија, Џан Пјеро Вентура кој му станал прв тренер во Ентела. Возот за Серија А го испуштил, бидејќи на 16 години бил исфрлен од академијата на Фиорентина поради лошо однесување.

Во школо ранецот му го носел неговиот постар брат Марчело, а во него имало сендвич спремен од баба му. Потоа заминал во Емполи, каде боледувал од пубалгија. Но и покрај тоа трчал двојно побрзо од другите и стомачните ги работел со оловно елече. 

Важел за ѕвезда во Серија Д, каде сите го посакувале, бидејќи со него целта била прво место. Ги стимулирал младите и ги поддржувал поискусните, делувајќи како миротворец ако нешто не успее. Тоа му биле вродени квалитети, кои ќе му послужат откако ќе ја добие тренерската лиценца.

ЉУБОВТА И СРЕДНИОТ РЕД (1985-1991)

Врската помеѓу Спалети и Вентура се родила во Арно во аматерска конкуренција во едно зимско попладне 1980-та. Лучано имал 21 година и го удирал секој што ќе помине пред него, додека 30 годишниот Вентура го тренирал клубот Албенга.

Џан Пјеро го проучувал во текот на играта и го ценел неговиот борбен дух и лидерство. Така го забележал неговото име за во иднина. Три години подоцна го грабнал во Ентела во Серија Ц2. Приказната за фудбалерот Лучано има пред и по Вентура.

На 21 август 1988-ма за прв и единствен пат играл против Марадона во Купот, меч кој го добил Наполи со 3:1.

Нивната соработка продолжила во Специја, каде Вентура издржал 12 натпревари, а Спалети останал 4 години (1986-1990). Потоа во 91-ва по една година во Вијареџо, потпишал со Емполи. Неговата кариера ќе се промени, но тој сè уште не го знае тоа.

СЛАДОЛЕД ВО КОРНЕТ СО ПОРАКА, ЕМПОЛИ (1991-1998)

Да може, Спалети со задоволство би се вратил пред 30 години во април 1993-та, за повторно да ги доживее тие сцени од неговите четири години како тренер на Емполи, каде ја завршил кусата играчката кариера, која му траела само 8 години (1985-1993).

Додека играл за Емполи соиграчи му биле Винченцо Монтела, Алесандро Бириндели, како и ексцентричниот голман Даниеле Бали кој бил познат по тосканскиот дијалект и шесте кафиња на ден.

„На Спалети се сеќавам на еден детал, а тоа се кренатите ракави засукани на рамо среде зима“, вели Бали, кој се сеќава и на првото влијание како нивен тренер:

„Кога Лучано поминуваше низ вратата во соблекувална, старите пријатели го криеа лицето со бањарките за да не се насмеат. Но не од непочитување, туку затоа што Спалети беше еден од нив“. 

Неговиот брод со Емполи отпатувал од Серија Ц1 до Серија А.

„Лучано беше лидер и знаеше да не потегне и за уши. Со некои од соиграчите пред тренинг скришно знаевме да отидеме на тенис со фудбалска топка. Кога ќе не откриеше ни велеше дека сме зелки во главите и не плашеше. Ќе ти се исправи в лице црвен“, се сеќава голманот Бали.

„Пред две години се сретнавме во еден бар во Емполи. Ме изгушка како син. Како си Балино? Се немавме долго време видено. Ме направи да се осеќам најважен човек во свет“.

„Кога бевме дома, Спалети ни испраќаше сладолед во корнет со порака во која пишуваше. Ајде во кревет, утре имате натпревар“, вели Кармине Еспозито, кој играл како напаѓач во Емполи.

САМПДОРИЈА, ВЕНЕЦИЈА, УДИНЕЗЕ, АНКОНА (1998-2002)

Неговиот следен, но и преголем предизвик се викал Сампдорија која во изминатите 10 сезони освоила Скудето, Супер Куп и три Купа на Италија. Се појавил како моќна фигура со екстра големи комбинезони и чизми врзани околу глуждот.

Познатиот фризер Нино од Џенова му се приклучил на тимот за да ги шиша играчите. Монтела се офарбал во боите на клубот, а другите загубиле облог и морале да се бричат ќелави.

Спалети почнал да им ја плаќа вечерата на стручниот штаб и играчите и да кажува шеги. Звучело како бајка, но...

„Лучано сè уште неше неискусен. Тактички беше на друго ниво, но не размислуваше за една работа. Неговиот Емполи беше Емполи на Спалети, но во Сампдорија имаше структура што требаше да ја почитува“, вели капитенот Морено Манини.

По само два првенствени меча, Монтела тешко се повредил и бил надвор од терените 6 месеци. Поразот од 5:2 од Лацио, скапо го платил и уште во декември бил заменет.

Во февруари повторно добил повик и на последните 15 кола освоил 21 поен. Монтела се вратил и почнал да дава голови кои не биле доволни. Сампдорија испаднала од лига.

„Во претпоследно коло во борба за опстанок водевме 2:1 против Болоња, но во 94-та минута судијата свирна непостоечки пенал“, изјавил Манини, кој бесен по мечот на новинарите им рекол дека само Монтела имал добар однос со Спалети.

Втората несреќна средина му е Венеција на газда Ѕампарини, познат и таму и во Палермо по смената на тренери како чорапи.

„Лучано беше многу спремен, но со него донесе и некои духови. Ни зборуваше за минатото, дека не сака да ја повтори истата сезона. Се плашеше да не ја загуби контролата во соблекувалната и требаше да се соочи со нетрпеливиот претседател“, вели најдобриот стрелец во тимот Филипо Маниеро.

Откако освоил само 5 поени по првите 8 кола, Ѕампарини пред новинарите излегол со следниов муабет.

„Лучано е погребан и мрачен. Плус носи црно, а тоа носи несреќа. Мислам дека ќе го отпуштам“.

Ѕампарини го отпуштил, по три меча го вратил и потоа за помалку од еден месец пак го отпуштил.

Потоа го прифатил повикот од Удинезе и освоил само 9 бода во 11 кола. Следувало мало чудо со Анкона која била во трета лига. Ја земал на  средина од сезоната, освоил 28 бода и ја избуткал дури до осма позиција.

УДИНЕЗЕ ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ СО ЗВУЧНИЦИ ВО СОБЛЕКУВАЛНА (2002-2005)

Летото 2002-ра, Поцо морал да најде нов тренер. Минатата сезона сменил двајца. Прво Рој Хоџсон, а потоа и Вентура кој во првенство завршил на 14-та позиција. Премалку за тим кој до пред две години, редовно играл во европските купови.

„Не знам колкаво влијание може да има, но јас им го кажав своето мислење на управата. Спалети е добар, можеби човекот кој го бараме. На крај навистина го ангажираа, раскажува тогашниот капитен на тимот Валерио Бертото.

Спалети почнал да учи соочување кое не му се допаѓало.

„Пуштавме гласна музика во соблекувална, на што тој се противеше. Му предложив повторно да го воведеме тој ритуал откако ќе освоиме 40 поени. До март веќе бевме спасени, па така пуштивме музика пред тренинг. Се налути со објаснување дека сум требал да побарам дозвола од него. По кратка дискусија, сепак сфати дека може да помине и тоа“, вели Бертото.

За Удинезе на Спалети, опстанок во Серија А била премала цел. 

„Во март го собра тимот во кругот и ме стави во центарот. Ме праша, што требаше да направиме потоа, а одговорот беше очигледен, мораме да се вратиме во Европа“.

Во првиот обид Удинезе се пласираше во Купот на УЕФА, а следната година во Лига на шампиони. Имал фантастичен тим. Напред Ди Микеле, кој се вратил од позајмица во Реџина, заедно со Јакинта, кој првично беше резерва на Соса.

Пизаро морал да замине, а Фелипе и Мунтати беа најинтересните млади играчи во Серија А.

„Тешко е да се објасни, но навистина се чувствувавме како четврта сила на Италија“, вели капитенот.

УБАВА, СЛОБОДНА И БЕЗГРИЖНА РОМА (2005-2009)

Во еден ресторан во Удине, ноќта помеѓу 19 и 20 мај 2005-та, седеле само сопствениците на Удинезе, неколку новинари и Лучано Спалети, единствен кој стоел пред масата. Сè уште бил тренер на Удинезе, но за  следната година се договорил Рома, за што ги собрал новинарите после полуфиналето од Купот на Италија.

„Треквартистата е жонглер, во среден ред сакам две брани, а напред мора да има нула. Нула? Прашуваат сите. Да, напаѓач кој не треба да дава отчет“. Со текот на времето тој ќе стане Франческо Тоти, но никој не сфатил. Новинарите се гледале меѓу себе. Тоа ќе бидат четири извонредни години.

Спалети пристигнал да ги размрда работите. Го преземал тимот како осми на табела и финалист во Куп на Италија. Во прес центарот се појавил со шал и капа на Рома, потпирајќи се на клучниот концепт: Ќе се вратиме во нормала.

До него седела Росела Сенси, ќерка на претседателот Франко, отсутен поради здравствени причини. Ги има. сите предуслови за да му оди добро и направил револуција, влегувајќи во симбиоза со градот.

Се зближил толку многу со Тоти, што често се случувало да ги гледаат заедно во кола, особено за време на опоравувањето на капитенот по повредата во 2006-та.

Кое му е најголемо откритие? Тоти како центарфор, бидејќи секогаш го наоѓа вистинското ќоше за да ја смести топката и во 2007-ма ја освојува Златната копачка со 26 гола.

Зад него е Перота, нетипичен плејмејкер во формација 4-2-3-1, додека по страните ги има Тадеи и Мансини. Позади го има верниот Мексес кој за Спалети би трчал по кинескиот ѕид, со помош на Тонето, Касети, Вучиниќ, Дони, Рисе и Хуан. Лојални играчи во четиригодишниот мандат на Спалети.

Рома на Спалети го бакна сонцето. Освои два пати Куп на Италија, Супер Куп и три пати заврши втора зад Интер. Во 2008-ма на само -3 бода. Тоа се години во кои црвено жолтите кореографии неприкинато се поставуваа и во Европа.

Рома на Спалети беше убава, слободна и безгрижна, со тројца светски прваци во Берлин 2006, Тоти, Де Роси и Перота и два пласмани во четвртфинале во ЛШ, во две години. И во двата наврати елиминирани од Манчестер Јунајтед, првиот пат со 7 примени гола на Олд Трафорд.

Лучано се збогуваше со Рома на 30 август 2009-та после пораз дома од Јувентус. На последната прес конференција фрлаше со стрели кон пристапот на играчите на терен.

Росела Сенси го замени со Клаудио Раниети, кој исто така беше блиску до Скудетото. Спалети замина со скршено срце, влегувајќи три пати во соблекувална и секогаш излегувајќи со солзи, без да може да изговори ниту еден збор. Го чека лет за Русија. Дестинација: Санкт Петербург.

Продолжува...

6 септември 2023 - 15:14