Лорик Цана пред 6-месечна суспензија?

Капитенот на албанската репрезентација и фудбалер на Лацио, Лорик Цана би можел остро да биде казнет од УЕФА, по инцидентите на мечот Србија - Албанија во Белград. Играчот со потекло од Косовска Митровица се терети за напад на навивач кој влегол во теренот.

Италијанскиот „Ил Темпо“ објави дека на 23-ти октомври во Нион, Лорик Цана најверојатно ќе добие најголема казна од УЕФА. Дисциплински мерки ќе следуваат и за фудбалските федерации на Србија и Албанија, а УЕФА најверојатно ќе предложи натпреварот да се преигра на неутрален терен.
 „Нè нападнаа неколку навивачи, а еден од нив со пластично столче замавна кон моите соиграчи и морав да ги одбранам. Редарите место да нè бранат, нè нападнаа и тие, по што едвај спасивме жива глава“, изјави Цана веднаш по натпреварот.
Дефанзивецот на Лацио беше еден од главните актери во метежот, кога удри еден навивач кој влета на теренот со пластично столче во рака.
 
„Ил Темпо“ се навраќа и на случајот од 1990-та година кога Звонимир Бобан нападна полицаец за време на дуелот меѓу Динамо Загреб и Црвена Звезда. Тогашниот хрватски репрезентативец заработи суспензија од 9 месеци, по што го пропушти Мундијалот во Италија 1990-та.
17 октомври 2014 - 13:22