Во шпанската Примера не им оди баш најдобро, но затоа во Европа растураат. Атлетик Билбао целосно го надигра и го елиминираше Манчестер Јунајтед од Лига Европа, а вчера на гостински терен го победи Шалке со 2:4 и е многу блиску до пласман во полуфиналето.
Целиот успех на клубот е базиран само на фудбалери кои потекнуваат од Баскија. Автономната покраина Баскија има околу 2 милиони жители, а во фудбалскиот клуб Атлетик Билбао не смеат да играат фудбалери кои не потекнуваат од оваа покраина.
Во минатото за клубот можеа да настапат само фудбалери родени во Баскија, но од неодамна ова правило беше сменето. Во моментов во тимот настапува Фернандо Аморебиета кој е роден во Венецуела, но неговите родители се од Баскија. Во 1996-та година за тимот настапуваше и Французинот Биксенте Лизаразу кој потекнува од францускиот дел на Баскија.
Локалните ривали на Билбао, Реал Сосиедад го имаат истото правило кое беше сменето во 1989-та година. Од тогаш во клубот смеат да настапуваат странци, но не и Шпанци кои не потекнуваат од Баскија.
Дури и со ограничен фонд на фудбалери, овие два клуба бележат успеси, а од 1980-та до 1984-та година доминираа во шпанскиот фудбал и освоија по две титули.
Ваквите клубови се ретки, но не и единствени. Шкотскиот клуб Селтик ја освои титулата од Европскиот куп во 1967-та година само со фудбалери кои биле родени во радиус од 50 километри од Глазгов.
За клубот Чивас Гвадалахара настапуваат само фудбалери кои се родени или имаат потекло од Мексико.
Во минатото имало многу примери за клубови без странски фудбалери, но тоа било така затоа што некои лиги целосно ги имаат забрането фудбалерите од странство. Таков беше примерот со италијанската Серија А од 1966-та до 1980-та година.