Лионел Меси по 7-ми пат доби Златна топка, светот бара правда за Левандовски

Франс Фудбал на буквално неколку часа пред свечената церемонија за доделување награди за најдобрите фудбалери во изминатата 2021-ва воведе нова награда - пазете: за најдобар напаѓач со која сакаше колку толку да го обели образот што главната награда Златна топка не оди кај најзаслужниот за неа. Не стигнале на време да организираат награда за најдобар играч од среден ред и најдобар дефанзивец на годината.

Лионел Меси по рекорден седми пат ја доби Златна топка која што ја доделува Франс Фудбал (веќе има 7:5 во однос на Кристијано Роналдо) а Роберт Левандовски, неверојатниот Полјак во финалното гласање заостана само 33 бода (Меси 613 бода, Лева 580).

Дајте кратко да ја видиме структурата на гласање:

- Гласаат 180 новинари од цел свет (воглавном уредници на познати светски медиуми)
- Може да се дадат поени на 5 играчи. За прво место се даваат 6 бода, за второ 4 бода за трето - 3, за четврто - 2 и за петто место -1 бод.

Право на глас во изборот за играч на годината кој ја добива Златна топка во избор на францускиот историски магазин Франс Фудбал имаат новинари (главни уредници) од целиот свет кои гласаат врз основа на индивидуални и колективни признанија (статистики, освоени титули итн.), играчки талент, фер плеј и целосен поглед на кариерата на кандидатот.

Ама така е според книга. Во пракса е нешто поинаку.

Во прилог на оваа теза оди дури и самото обраќање на Лионел Меси кога ја доби наградата:

„Би сакал посебно да го споменам Роберт Левандовски. Да се биде конкурент со тебе е голема чест. Сите знаат дека минатата година ти беше победник (за Златна топка). Мислам дека France Football е должен да ти ја врачи наградата Златна топка за 2020. Ти ја заслужи. Треба да стои кај тебе дома“, отворено кажа аргентинскиот ас.

Зошто Левандовски ја заслужува Златната топка за 2021?

Златна топка на Франс Фудбал и претходно добиваа спорни победници (во најдобрите свои години од кариерите без награда останаа Снајдер, Рибери, Иниеста, Мануел Нојер и Ван Дајк).

Во 2021-ва година доделувањето на Златна топка се претвори во фарса, апсурд и срам.

Најжестоко и најбурно грмат легендите и шефовите од Баерн Минхен (Кан, Матеус, Хајнер) и можно е да се разберат - France Football две години по ред го игнорира апсолутно неверојатниот центарфор на Баварците Роберт Левандовски.

ЗА СПОРЕДБА КОИ СЕ НАЈГОЛЕМИ АРГУМЕНТИ ЗА И ПРОТИВ АПСУРДНАТА НАГРАДА ЗА ЛИОНЕЛ МЕСИ?

Да се потсетиме што во 2021 година направи Лионел Меси, според многумина еден од најдобрите фудбалери на сите времиња:

- 56 меча во сите натпреварувања
- 41 гол во сите натпреварувања
- 17 асистенции
- Освои пехар во Купот на Шпанија
- Освои пехар во Копа Америка
- Го избраа за играч на финалето на Куп на Шпанија
- Го избраа за најдобар играч на Копа Америка
- Стана најдобар стрелец на Копа Америка
- Стана најдобар асистент на Копа Америка
- Стана најдобар стрелец во шпанска Ла Лига

Купот на Шпанија е најслабиот аргумент во полза на Лео Меси. Патот на Барселона до финалето изгледаше вака: Корнеља (1/16 финале), Рајо Ваљекано (1/8), Гранада (1/4), Севиља (1/2), Атлетик Билбао (финале). На 5 меча Меси во Копа дел Реј имаше 3 гола и 3 асистенции.

Два од трите гола ги даде во финалето против Атлетик Билбао кои за последните четири сезони во Шпанија завршуваше 16-то место, 8-мо место, 11-то и 10-то. 

Аргентинецот стана најдобар стрелец во Ла Лига, но имаше 0 голови и 0 асистенции против Реал и Атлетико Мадрид. Бензема од друга страна кој заврши четврто место во трката за Златна топка на Франс фудбал, во дуелите со Барса и Атлетико имаше 2 гола и 1 асистенција.

Барселона беше безнадежна и разбиена во Лига на шампиони од ПСЖ кој на два месеци претходно го смени главниот тренер (Почетино го назначија на 2 јануари, а 1:4 ПСЖ ја прегази Барселона на гости на 17 февруари).

Меси постигна еден гол од игра (сите останати во ЛШ му беа од пенал) и испадна од Лига на шампиони во 1/8 финале.

Статистички во 2021:

1. Левандовски - 64 гола на 52 меча
-
-
-
-
-
-
-
2. Мбапе - 45 гола на 62 меча
3. Халанд - 44 гола на 46 меча
4. Кристијано Роналдо - 43 гола на 60 меча
5. Меси - 41 гол на 56 меча

НАЈГОЛЕМ АРГУМЕНТ НА ОНИЕ КОИ ЈА СЛАВАТ НАГРАДАТА ЗЛАТНА ТОПКА ЗА МЕСИ Е КОПА АМЕРИКА

Долгоочекуваниот триумф на Копа Америка е најголем аргумент во полза на Аргентинецот кој со својата репрезентација среде Бразил го освои трофејот кој во татковината го чекаа цели 29 години.

За волја на вистината, Лионел ја растури Боливија (77-мо место на ФИФА рејтингот) со гол, гол од пенал и асисенција. После играше без гол против Еквадор (46. место на ФИФА ранг листа) и реално блесна со гол против Чиле (првиот меч на турнирот) и асистенција со Колумбија во полуфинале.

Копа Америка е прекрасна историја лично за Лионел Меси кој со години се фрустрираше што ништо не можеше да освои со репрезентацијата. Не направи чудо во финалето со Бразил но искрената емоција со посакуваниот трофеј во раце беше преубава слика.

За споредба, Карим Бензема кој во некои медиуми активно беше најавуван како фаворит за Златна топка од Франс Фудбал, а во реалност беше далеку од победата, на репрезентативно ниво беше далеку поефикасен.

Карим даде 4 гола на Европско првенство (против Португалија и Швајцарија) и по еден гол во полуфинале (против Белгија) и финале на Лига на нации (против Шпанија). И тоа се после петгодишно отсуство од репрезентацијата и целосна изолација од меѓународен фудбал.

Овде треба да се потенцира дека Лионел Меси е со сигурност еден од најдобрите фудбалери во историјата, но во 2021-ва година не беше најдобар. Останува горчина што францускиот магазин France Football историското и култно доделување Златна топка го направи бескорисен метал во кој нема објективност и праведност.

КОИ ДРУГИ НАГРАДИ ГИ ДОДЕЛИ ФРАНС ФУДБАЛ?

Педри - најдобар млад играч на годината

Роберт Левандовски - најдобар напаѓач (награда која првпат се доделува и која што ја вовеле неколку часа пред церемонијата)

Алексија Путељас - најдобра фудбалерка

Центарфор во женскиот тим на Барселона. Има 27 години. Во 2021-ва година постигна 33 гола, повеќето беа прекрасни голови. Заслужена Златна топка за најдобра фудбалерка.

Џанлуиџи Донарума - најдобар голман

Ова признание кое го носи името на легендарниот Лав Јашин заслужено го доби голманот на ПСЖ кој блесна на Европското првенство 2020 каде беше најдобар играч. Одбрани неколку важни пенали во полуфиналето и во големото финале.

Челси - најдобар тим

Оваа награда исто се доделуваше за првпат и логично отиде кај освојувачот на Лига на шампиони.

30 ноември 2021 - 09:11