Во моментов спортот е речиси парализран. Освен неколку фудбалски лиги кои ќе се играат без гледачи, речиси сите други настани се одложени. Денес УЕФА и официјално на неопределено време ги одложи ЛШ и ЛЕ.
Во моментов тема број 1 е вторник 17. март, денот кога ќе се одлучува што да се прави со Европското првенство 2020, со баражите за овој шампионат, како и со домашните лиги.
Францускиот Л’Екип, кој се повикува на добро информирани извори, пишува дека некои струи во УЕФА никако не сакаат да се откажат од Лига на шампиони и Лига Европа, па постои можност пред претставниците на 55 земји членки на УЕФА, и уште пар релевантни асоцијации, да предложи необични решенија.
Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин наводно го застапувал ставот дека нокаут фазата во Лига на шампионите, од четвртфиналето (има уште 4 реванши да се доиграат од 1/8 финале), би можела да се игра со само еден меч, без реванш. Со ждрепка би се решавало кој би бил домаќин а солуција е и неутрален терен.
Европската фудбалска унија наводно спрема уште едно „Соломонско решение“ - натпреварите од Лига на шампиони да ги одржи во Истанбул, а преостанатите од Лига Европа да се доиграат во полски Гдањск за каде беа закажани финалињата (Истанбул ЛШ, Гдањск ЛЕ).
Но нејасно е како би реагирале властите на овие две земји на ваков предлог.
Реномираниот Л’Екип има уште една теорија, дека УЕФА ќе инсистира на поделба на трошоците ако Европското се одложи. Речиси сите членки би кренале рака за откажување на Евро2020, особено поради форматот да се игра во 12 градови. Баш поради тоа УЕФА ќе бара поделба на трошоците кои се проценети до 300 милиони евра затоа што веќе се резервирани хотели, стадиони, јавни транспорти, настани, собири итн.