Меси е херојот на навивачите на Барселона, а Роналдо е идолот на фановите на Реал Мадрид, но и овие двајца славни играчи имаат по некои непријатели. Хавиер Занети е еден од ретките икони, кои заедно со Малдини, Дел Пјеро и Иниеста кои се обожувани речиси насекаде.
Занети го сакаат, бидејќи тој е олицетворение на значењето на класата, на теренот и надвор од него, во текот на неговата неверојатна 22 годишна професионална кариера.
Од фудбалот, „Пупи“ ќе замине како еден од најдобрите бекови во историјата. Тој ги поседуваше сите особини, и беше подготвен на технички, тактички и психолошки план Легендарниот Рајан Гигс за него рече дека бил најтешкиот противник со кој се сретнал во кариерата.
„Играв против Занети за прв пат во четвртфиналето од Лигата на шампионите во 1999 година. Тој играше како десен бек, а јас играв по лево. Ме импресионираше со квалитетот, брзината, моќта, интелигенцијата и знаењето. Потоа се сретнав уште два пати со него и тој ми беше најтежок противник, комплетен играч“, изјави Велшанецот.
Уште по импресивно за Занети е неговата долговечност. Вообичаено еден играч се наоѓа на врвот пет до седум години. Во некои случаи тоа може да биде и подолго, во други пократко. Роналдињо играше во топ форма и беше светска класа, но само четири-пет сезони од неговата кариера.
Занети го задржа високото ниво на игра околу 15 години. На 37 годишна возраст кога Интер ја елиминираше Барселона во полуфиналето од ЛШ, Меси на двата меча имаше проблеми со противничката одбрана каде се соочи со неговиот сонародник.
Неговата неуморна конзистентност во текот на изминативе две децении беше нечовечна, се до повредата на мечот против Палермо пред една година од која не закрепна целосно и која го ограничи на само 11 настапи оваа сезона.
Занети во просек играше по 45 меча во сезона од 1992 година, затоа не е изненадување што човекот кој го доби прекарот „Трактор“ го држи рекордот со најмногу настапи за Интер и репрезентацијата на Аргентина.
Како човек, тој го прави знае само за добрите страни во фудбалот: чест, фер плеј и почит. Никогаш не правеше не спортски фаули и никогаш не протестираше против судијата. Дури и во случаи на неправда и тешкотии, тој го задржуваше своето достоинство.
Кога Занети не доби повик од Аргентина за светските првенства во 2006 и 2010 година, со смешните образложенија дека носел лоша среќа, тој не се пожали, иако имаше право да праша како Скалони и Гутиерез може да добијат шанса пред него. Иронично, но само во Аргентина имаше полемика околу неговите квалитети, но тоа никогаш не го допре.
„Тој е толку посебен, што никогаш не сум го слушнал да зборува лошо за некој. Денеска нема многу играчи како него. Еднаш ми рече дека сака да биде како мене, но јас сега му одговарам дека би сакал да можев јас да бидам како него“, изјави Роберто Баџо.
Тој можеби не беше секогаш доволно гласен, но беше перфектен капитен и пример за колегите. Кога по триумфот против Баерн Минхен го подигна пехарот во Лигата на шампионите, немаше фудбалски фан кој не беше воодушевен од Занети.
„Да се прекине на 41 година е посебно чувство. Горд сум на себе, ова е вистинскиот момент. Сонував да ја завршам кариерата во дресот на Интер, тоа е мојот дом и ќе се обидам да дадам свој придонес и надвор од теренот најдобро што можам. Ќе бидам спортски директор, а тоа е нов фасцинантен предизвик за мене“, рече аргентинската легенда.
Занети ќе се пензионира ова лето како можеби најдобриот играч кој го имал Интер и како еден од најпочитуваните спортисти воопшто.