Во трката за претседател на Барселона има двајца кандидати, Жозеп Марија Бартомеу и Жоан Лапорта, кој го водеше клубот од 2003. до 2010. година.
Според последните информации кои ги пренесува Марка, Лапорта има околу 73% поддршка од социосите кои имаат право на глас. На денешната прес конференција, Лапорта потенцираше дека во случај да победи на изборите, негова десна рака ќе биде Ерик Абидал. Французинот (35) играше за Барселона во славната ера од 2007. до 2013. година и стана херој на Каталонците откако се врати на терен после тешката операција и трансплантација на црниот дроб во 2012. година.
По враќањето на терен, Абидал во јули 2013. година заигра за Монако, а во декември минатата година се повлече од фудбалот како играч на Олимпијакос.
„Барса е повеќе од клуб и сакам да се грижам и работам на одржување на таквиот статус“, изјави Абидал, кој ќе ѝ помага на Барселона на трансфер пазарот.
Покрај функцијата технички секретар, Абидал би водел сметка и за Ла Масија академијата која во последната деценија произведе фудбалери како Лионел Меси, Андрес Иниеста и Чави.
Адвокатот Лапорта е еден од најгласните заговорници на независноста на Каталонија, а за време на кампањата за прв човек на Барселона го критикуваше поранешниот претседател Сандро Росел за спонзорството со Катар. Лапорта изјави и дека ќе го тргне името на спонзорот Катар од дресовите и ќе го врати УНИЦЕФ. На тој начин Барса би останала пократка за 30 милиони евра по сезона, колку што им даваат Катарците.
„Ние сме за УНИЦЕФ, а тие се за Катар. Да се има пари е многу важно, но не и сè во светот. Принципите доаѓаат пред парите“, констатираше Лапорта, кој доби поддршка и од Јохан Кројф.
Сандро Росел стана претседател на Барселона во 2010. година но мораше да се повлече во јануари лани, по сериозните обвинувања за затајување данок при трансферот на Нејмар во Барселона.
Претседателските избори во спортското друштво Барселона ќе се одржат на 16. јули.