Марсеј е најголемиот клуб во Франција. Ова е традиционална дефиниција иста како онаа кога ќе се каже дека најголемото дерби на Италија е Интер - Јувентус.
И покрај милионите на ПСЖ и седумте неверојатни титули по ред на Лион, Марсеј останува единствен француски клуб кој ја освоил Лигата на шампионите и кој освоил 10 титули во Франција.
Од овој клуб потекнуваат играчи како Жан-Пјер Папен, Лоран Блан и Дидие Дешамп. Но од нивната последна титула во 2010-та, клупската траекторија почна да заоѓа надолу. Лани Марсеј заврши на катастрофалното 13. место а толку лошо играа што навивачите од трибините им ја пееја најавната песна од Бени Хил.
Денес Марсеј конечно се враќа на правиот пат и не е сам. Одличниот Руди Гарсија ги тренира, а новиот Американски газда Френк Мекорт ги плаќа играчите кои го донесоа Марсеј во Топ5 на Лига 1. Мекорт стана сопственик на Марсеј во октомври лани и брзо најави дека е спремен да даде и до 50 милиони евра за еден играч.
Неговата финансиска инјекција имаше ефект: го вратија најсаканиот играч Димитри Паје, го доведоа најдобриот асистент во лигата од лани, 22-годишниот Морган Сансон за 9 милиони евра од Монпеље и 11 милиони евра скапиот Флоран Тувен. Го вратија и Патрис Евра во Франција.
По бледиот старт на сезоната, тренерот Руди Гарсија (освои двојна круна во 2011-та со Лил и Еден Азар) почна да ја демонстрира својата експертиза.
Марсеј одново игра напаѓачки, атрактивен фудбал. Минатиот викенд го демолираа Кан со 5-1 а викендов и кандидатот за титулата Ница со 2-1 (трет пораз сезонава) после што се качија во возот кој води во Лига Европа следната сезна.
Носители на играта на Марсеј се Гомис, Паје, Тувен, одличниот Максим Лопез и талентираниот Морган Сансон. Овие играчи заедно со тренерот Руди Гарсија и новиот широкоград газда се гарант дека следната сезона во Лига 1 ќе има повеќе кандидати за врвот.