Името му е лесно, исто како она на Снајдер, а за презимето навивачите на Лацио ќе треба да почнат со изговорот. Ут, со дифтунгот "ое“ кој на холандски се изговара “у“ како Де Бур, Куман, Бума и сите други холандски имиња, додека „д“ не се изговара. Значи Весли Хут.
Но повеќе од тоа, лацијалите ги интересира фудбалерот од близу. Весли Хут е класичен стопер со нордиска висина од 192см, фудбалер кој доминира во воздушните дуели во својот и противничкиот шеснаесетник. За АЗ сезонава настапи на 12 средби и даде еден гол, а во Лацио ќе се пресели во јули годинава како слободен играч. Од холандските играчи, претходно дресот на Лацио го носеа легендарниот Јап Стам, Рене Ван де Керхоф, како и Арон Винтер.
Нормално е што го споредуваат со Стефан Де Врај, дефанзивецот што Лацио во август го пазареше од Феенорд. Хут и Де Врај имаат слични карактеристики. Хут има одличен преглед на играта и одлични долги додавања кон нападот.
Она што му недостига на Хут сигурно е искуството кое го има Де Врај, кој е постар две години, но на 20 години веќе имаше две сезони зад себе во првиот тим на Феенорд. Хут (20) дебитираше за АЗ Алкмар на крајот од 2013. година, во Лига Европа против ПАОК, кога Холанѓаните обезбедија пласман во групната фаза. На крајот од сезоната одигра уште еден натпревар, кога влезе како резерва против Рода.
Во текот на сезонава, АЗ Алкмар смени неколку тренери, Ван Бастен, Пастор и Хар, а последниов остана на клупата и му даде шанса на Хут. Централниот дефанзивец е роден во Алкмар и никогаш не играл за друг клуб. Есенскиот дел од сезоната го одигра одлично и најзаслужен е што АЗ Алкмар имаше 4 натпревари без примен гол по ред од ноември до декември.
Друга непознаница за Хут е неговата физичка подготвеност, затоа што холандското првенство само што започна по зимската пауза, а АЗ Алкмар се врати од припреми на топлиот југ во Португалија. Во Серија А веќе се одиграа неколку кола од втората полусезона, така што Хут ќе треба да се навикне на италијанскиот фудбал.
Помош сигурно ќе има од неговите сонародници Стефан Де Врај и Едсон Брафхејд.