Куповите носат фудбалски бајки, петтолигаш елиминираше седумкратен првак на Франција

Додека нашите очи беа вперани во Вараждин, во Франција се случи едно од најголемите фудбалски изненадувања во 21 век. Срамот го изеде Лион, од клуб кој го нема ни во билтен.

Се работи за Бургоан-Жалие (слободно нека нè поправи некој ако учел француски), кој во раната фаза од Купот на Франција го елиминираше Лион.

Клуб кој пред пет години стигна во Лига на шампиони до полуфинале, загуби од клубче за кое на Википедија може само да се прочита каква боја на дресови носат.

Ги совладаа на пенали 4:2, откако регуларниот дел заврши 2:2 и потоа следуваше инвазија на теренот, што е разбирливо, бидејќи ова е нивната најголема победа од формирањето во 1936-та.

Бургоан-Жалие е клуб од истоименото градче со едвај 30.000 жители кое се наоѓа на само 35 км до Лион. Немаат никаква историја во поглед на трофеи.

Во портфолиото на клубот од сезоната 2024/2025, ќе запишат елиминација на седумкратниот првак на Франција и пласман во осминафинале од домашниот Куп. Минимум осминафинале.

16 јануари 2025 - 14:15