Хуан Куадрадо беше еден од најдобрите поединци на Колумбија која стигна до првото четвртфинале на Светските првенства, а неговата иднина во Фиорентина е неизвесна, бидејќи по одличните партии во Бразил за него интерес покажаа Манчестер Јунајтед и Јувентус.
Според transfermarkt неговата вредност по Светското изнесува скоро 30 милиони евра, но тоа не е причина да се цепа и да шета со јахти. Тој одигра партија фудбал во Ла Сиера, опасен кварт во Меделин каде на големо се растура дрога уште од 80-те.
„Треба да го покажеме пријателското лице во ова маало и затоа јас им предложив на децата да се свртат кон спортот, потсетувајќи ги дека само Господ може тоа да го промени“, изјави Куадрадо.
Пред мечот, тој одржа 30 минутен говор пред околу 500 луѓе кои го следат уште кога ја стартуваше кариерата во клубот Индепендиенте Меделин.
Колумбискиот напаѓач со поддршка на Адидас им донесе спортска опрема на 60 деца кои учествуваа во маалското фудбалско дружење.
Децата во овој сиромашен кварт, покрај внимание од Квадрадо и тренерки и патики од Адидас, од духовно-верската заедница во Меделин ќе добие духовно советување, како и помош од психолози и социјални работници.