Копенхаген не им дозволува на странците да го гледаат во ЛШ

Шампионот на Данска кој на завчерашното извлекување на ждрепката во Монако се најде во Б групата од Лигата на шампионите заедно со Реал Мадрид, Јувентус и Галатасарај предизвика скандал во Данска и ги навреди навивачите од другите националности.

Управата на Копенхаген донесе одлука за натпреварите од најквалитетното клупско европско натпреварување да им продава билети само на навивачи кои потекнуваат од Данска и ги извести сите оние кои немаат данско презиме дека нивното барање за влезница ќе биде одбиено.

Оваа одлука од која се зачудија љубителите на фудбалот во Данска од клубот ја донеле поради безбедности причини, односно поради големите инциденти кои се случија на финалниот меч од Купот на УЕФА помеѓу Арсенал и Галатасарај кој се одигра во 2000 година и на кој беа избодени четворица навивачи и уапсени 60 фанови од повеќе националности.

„Знаеме дека нашата одлука ќе предизвика негативни реакции, но ова беше нашето најдобро решение. Сигурни сме дека нема сите да се сложат со ова, но сметаме дека не направивме никаква дискриминација", изјави секретарот на клубот, Даниел Ромедахл.

Бурните реакции веднаш пристигнаа од страна на навивачите, како на пример од 24 годишната Атила Момени со потеклно од Иран која е родена во Копенхаген и која откако се обидела да ги купи сите 3 билети за домашните натпревари на нејзиниот омилен клуб била одбиена.

„Желбата за поголема безбедност на стадионот ја разбирам, но ова е неприфатливо и дискриминирачки затоа сите навивачи не добиваат ист третман. Вакво нешто не смее да се случува во фудбалот и мислам дека УЕФА мора веднаш да реагира", смета навивачката.

Одлуката на Копенхаген ја искритикува и данскиот адвокат Бертел Размунсен кој рече дека доколку некој биде одбиен да не може да присустува на стадион треба да постои конкретен сомнеж за тоа, а на критиките им се придружи и фудбалерот на Нордсјеланд, Бајрам Фетаи кои се обрати директно на Твитер профилот на УЕФА.

Што мислите за тоа луѓето кои не се Дански државјани да не може да купат влезници за натпреварите од Лигата на шампионите?

 

31 август 2013 - 20:02